Како што соопшти Министерството за одбрана, во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи. Македонските војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови.
Македонија во ИСАФ соработуваше со поголем број на партнери, а денеска сојузници во НАТО, вклучувајќи ги САД, Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција, а македонски офицери беа и дел од земјите на Јадранската повелба А3 со Албанија и Хрватска, односно подоцна и земјите од групата А5.
Од 2015 година, припадниците на Армијата беа дел мисијата- наследник, „Одлучна поддршка”. Се работи за 500 припадници, распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, под команда на Турција, потоа во Командата на мисијата предводена од САД, со задача обезбедување на командата, во тим за советување во командата – Север предводени од СР Германија, во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хирирушки тим во норвешката Role-2 болница, во соработка со Кралството Норвешка.
Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка”.






