сабота, 2 мај 2026

Македонија и Албанија заедно ќе работат на зачувување на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО

Објавено на

часот

Сподели

„Станува збор за ново поглавје во односите меѓу двете држави во насока на заедничко управување со споделеното културно-историско и природно наследство на Охридскиот Регион, за преземање конкретни чекори за негова заштита… Свесни сме за итноста и одговорноста за потребата од заштитата на прекуграничното и светско наследство, затоа потпишавме заедничка изјава преку која се обврзуваме искрено, конкретно да работиме за да придонесеме за решавање на проблемите. Работиме на механизмите за ублажување на заканите и на начините како правилно да се одговори на утврдените ранливости“, изјави Стефоска.

Според неа, се работи на решавање на проблемите напластени со децении, а неделувањето со години наназад, рече, ни се удира од глава на сите.

„Јавно апелирам и повикувам, без бегање од одговорност, и локалните власти и граѓаните и невладините организации, секој да го понесе својот дел од одговорноста. Сѐ што можеме и што е во нашиот делокруг, следиме и реагираме… Не смее да има разлики меѓу локалните самоуправи во заштитата на регионот. Секој од нас кога е на позиција во хиерархијата на управувањето да си понесе одговорност, а сите заедно да работиме за заштитата“, рече Стефоска.

На средбата на претставниците на националните комисии за соработка со УНЕСКО присуствуваа и министрите за животна средина од двете земји, Насер Нуредини и Бленди Клоси.

Според Нуредини, сите активности на властите во двете држави се потврда на решителноста и сериозната посветеност во заедничките намери да се следат препораките на УНЕСКО и да се зачува статусот на регионот како светско културно и природно наследство.

„Се заложивме за креирање и имплементација на заеднички план за управување со регионот. Независно каква ќе биде одлуката на УНЕСКО, ние како влади ги разбираме нашите одговорности и обврски. Крајбрежните земји мора да соработуваат затоа што природата и биодиверзитетот не познава административни граници. Мораме да работиме на интегрирано и хармонизирано управување доколку сакаме резултати. Неспорно е дека се спроведени одредени активности, сведоци сме на расчистување на крајбрежјето на Охридското Езеро. Како Министерство веќе работиме на ревалоризација на природните вредности на Охридското Езеро, со нацрт на ново зонирање. Со донесувањето на Планот за управување со Охридскиот Регион ќе се обезбеди негова соодветна заштита“, рече Нуредини.

Тој спомена дека во таа насока се и процесот на прогласување на Студенчишкото Блато за заштитено подрачје, како и планот за управување со Националниот парк „Галичица”, како активности во насока на поголема заштита на целиот регион.

Зоран Павлов од Комисијата за управување со Охридскиот Регион во врска со се поизвесната одлука за поместување на регионот на листата загрозени светски богатства на УНЕСКО, рече дека независно каков ќе биде исходот, самиот Извештај и препораките за поместување на регионот на листата загрозени добра е своевидна потврда дека не сме успеале да ги завршиме обврските. Тој уште кажа дека се она што е направено во земјата за исполнување на обврските од Извештајот на УНЕСКО во форма на извештај е испратено до советодавните тела, така што врз основа на тие податоци ќе биде донесена и финалната одлука за регионот и неговиот иден статус во УНЕСКО.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ