Алијансата за Албанците во вториот изборен круг се очекува да го поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Кичево, изјави генералниот секретар на оваа партија, Арбен Таравари.
„Но секако, мора да седнеме со нашиот коалициски партнер (Алтернатива, н.з.) и верувам дека за два – три дена ќе ги имаме партиските позиции кои ќе бидат официјализирани од органите на партиите. Наш политички противник е ДУИ, и секој кандидат кој не е од ДУИ сметам дека треба да биде поддржан од албанската опозиција и тоа во сите општини без исклучок”, рече Таравари, а пренесува Тетова сот.
Инаку, во општина Кичево, натпреварот за градоначалничката функција се одвива помеѓу Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Дехари од ДУИ. Таравари најави дека ќе биде поддржан и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница.
Таравари вели и дека испил кафе со шефот на изборниот штаб на Беса Аријанит Хоџа и дека и нему му бил пренесен ставот дека Алијанса за Албанците има еден главен политички противник – ДУИ.
Инаку, на Беса која е партнер во Владата на Заев, ќе ѝ биде потребна поддршка од албанската опозиција со цел нивниот лидер Биљал Касами да може во вториот круг да ја победи актуелната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи. Сепак, Алтернатива, која е пак, коалицискиот партнер на Алијанса, засега не сака да му даде поддршка на Касами.






