Од кабинетот на Нуредини информираат дека министрите и амбасадорот изразиле силна волја за решавање на проблемите поврзани со Преспанското Езеро и разговарале за следните чекори кои ќе бидат преземени од трите страни, односно за потребата од заедничка хидробиолошка студија, воспоставување на мониторинг систем, јакнење на капацитетите и развој на одржливо земјоделство и локален брендинг, како и развојот на алтернативниот и екотуризмот.
Македонскиот министер оценил дека со децении состојбите се загрижувачки и дека проблемите може да се решат само координирана работа оценувајќи дека климатските промени, силниот антропоген притисок, земјоделството, инвазивните видови, се само дел од заканите.

Договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа е потпишан на 2 февруари 2010 година, а стапи на сила на 29 мај минатата година. Трите земји членки, како и ЕУ како страна на договорот, ги номинираа своите членови во работните тела и ова е првиот состанок на високо ниво одржан за започнување на имплементацијата на Договорот.
Договорот опфаќа сегмент на високо ниво кој се одржа денеска, како и Преспа Парк Управувачки комитет и Работна група за води на техничко ниво, во кои учествуваат претставници на стручно и техничко ниво од централната и локалната власт, како и граѓанскиот сектор.






