Со положување свежо цвеќе денеска пред споменикот Жена борец на плоштадот во Куманово свечено беше одбележан Денот на независноста. Политички партии, невладини организации, здруженија на граѓани, на училишта, претставници од Здружението на борци на НОБ и граѓани беа присутни пред споменикот. Но, кога започна говорот на актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, претставници од СДСМ ја напуштија прославата.
Димитриевски рече дека не постои друга опција освен да дадеме се од себе за демократски амбиент во оваа држава. Да се почитува различното и туѓото мислење, наглсаи тој и додаде дека немаме време за повторни грешки затоа што народот е уморен од битки кои немаат победа.
„Јас на 8 септември 1991 година имав 16 години и за мене тој чин на прогласување на независна држава голем настан. Добив елан и желба да ги менувам работите, да бидам дел од сонот за независна држава. Но, сега ако прашате некого кој има 16 години каков сон има, првиот одговор е дека сака да си оди од државата. Поразително за нас. Каков пораз е тоа за секој родител да си го гледа сопственото дете како сака да замине од родното место. Ние имаме обврска кон младите генерации да ги смениме работите на подобро, а не да оставаме на нив големо бреме за кои не се должни да го носат.

Ова е време на големи одлуки, ова е време кога не треба да седиме на страна и мора да се бориме за подобар живот за сите. Ова е време на борба со искривени вредности, ова е време кога на народот мора да му се врати надежта што се изгуби. Мора да покажеме дека секогаш може подобро и поинаку. Да покажаме дека имаме храброст да ги промениме работите и по 10 години кога ќе погледнеме назад да се гордееме“, рече Димитриевски.
Градоначалникот цитираше и изјави на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров кои, како што рече, беа мудри и укажуваа дека е најважно да не се заборави на демократијата при носењето на секоја одлука.






