„Деноноќно работев да ја дислоцираме Југословенската народна армија од Македонија. Работев на донесувањето на Законот и другата легислатива за формирањето на АРМ, чин кој го потврдуваше независниот статус на Македонија како суверена држава. Ја одбегнавме војната и ги вративме нашите граѓани кои беа во војска. Го одбегнавме отварањето на јужниот фронт кој можеби ќе беше и крај за нашата идеја за прогласување на наша држава. Се создадоа основните претпоставки да профункционираме како независна држава, согласно барањето на (Сајрус) Венс и (Дејвид) Овен кои беа преговарачи за Југославија. Докажавме дека имаме капацитет на државотворен народ. И го започнавме патот како држава за која со векови се бореле нашите претци. И до денес битката пордолжува, вели Гоцевски во интервју за МИА.
Оценува дека сега по 30 години состојбите сега се променети на подобро. Целата меѓународна заедница застана зад нашата државност, ние сме рамноправна членка на ОН, на НАТО, речиси на сите меѓународни организации и сме пред почеток на преговорите со ЕУ.
За последниот камен на сопнување на нашето интегрирање во Европската Унија, спорот со Бугарија, истакнува дека односот на соседот кон нас предизвикува болка и од тоа нема бегање.
„Јас станав скептичен кога Бугарија усвои декларација и истата ја испрати до сите членки на ЕУ и изразив голема загриженост, бидејки после едногласното усвојување на овој документ во бугарското Собрание на таа линија застана и бугарскиот претседател. Владата во такви услови нема маневарски простор за менување на ставовите. Се разбира јас не сум наивен, тоа беше идеја на Владата за да си ги цементира своите позиции, по прашање, кое трае повеќе од век наназад. Ние испаднавме малку површни упорно барајќи од Владата да ги смени своите позиции. Но дали оваа прашање ќе го решиме со заострување на односите или на улица. Мислам дека нашето однесување понатаму треба да биде европско, транспарентно цивилизациско и во институциите. Ние продолжуваме кон европската интеграција затоа што се определивме за европските вредности. Тоа го препознаа нашите граѓани и сите меѓународни институци. Погледнете ги ставовите на ЕУ, на НАТО, на САД по тоа прашање. Сите се на наша страна. Затоа ние треба да покажеме трпение, мудрост, активна дипломатија, со што ќе дадема шанса на САД, НАТО и ЕУ да ни помогнат. Непромислена реторика, напади врз соседна Бугарија, напади врз носители на државни функции во двете држави, не треба да се нашата опција“, нагласува Гоцевски.






