Средбата со генералниот секретар Санино се одржа на маргините на годишната конференција на ЕЦФР Советот во којшто членуваат и двајцата соговорници. На состанокот, како соопштија од кабинетот на Димитров, Санино истакнал дека најважниот чекор напред во политиката на проширување е почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
За ова се разговарало и на средбата со државниот секретар Мигуел Бергер, на којашто била реафирмирана цврстата германска поддршка за европската интеграција на Македонија.
„Европската перспектива е лепакот што ги соединува прогресивните сили во регионот. Обновувањето на довербата во политиката на проширување е можно само преку успех во македонското европско досие”, изјавил Димитров.
Бергер, пак, кажал дека Германија ќе продолжи интензивно да работи на ова прашање што е наведено како приоритет и во коалицискиот договор на новата влада.
На маргините на годишната конференција на ЕЦФР, Димитров имаше средба и со новоназначениот, иден претседавач со Минхенската безбедносна конференција, германскиот дипломат Кристоф Хојсген кој ќе го наследи амбасадорот Ишингер.
Димитров и Хојсген разговарале за проширувањето на ЕУ низ призмата на обезбедување стабилност и сигурност. Во тој контекст, Хојсген ја истакнал важноста на Преспанскиот договор како еден од столбовите на регионалната безбедност и соработка на Западниот Балкан и пошироко.
Работната посета на Берлин, Димитров ќе ја заврши со првата средба со новоименуваната министерка за Европа Ана Лирман и состанок во берлинската канцеларија на тинк тенкот Европска иницијатива за стабилност (ЕСИ).






