Навистина е важно да видиме остварување на ветувањето за европерспективите на регионот дадено во Солун, рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и додаде дека блокадата не се однесува само на нашата земја, туку дека последици ќе има и за иднината на ЕУ и на Западен Балкан.
„Во Солун во 2003 година ЕУ му даде ветување на Балканот и тоа беше потврдено во Софија на самитот на ЕУ за Западен Балкан, но потврдено и годинава во Љубљана: Сѐ потешко ми е кога како вицепремиер им зборувам на луѓето како е тоа можно. Земјите од регионот и економски и политички, но и историски и кулурно, припаѓаат на Европа и навистина е важно да видиме конкретни одлуки и движења во поддршка на остварување на ветувањето дадено во Солун. Немаме алтернативно решение освен да станеме функционална европска демократија која што е проследена со економски просперитет. Ќе продолжиме со реформите бидејќи ги правиме за нас, но процесот на пристапување ќе ни помогне да го направиме тоа подобро. Без разлика дали ќе почнеме со пристапните прегооври нашиот пат е јасен – ќе работиме кон градење на европска демократија”, рече Димитров коментирајќи го неуспехот на ЕУ вчера повторно да испорача почеток на преговори за Македонија и Албанија.
Димитров предупреди дека проблемот не е само наш, туку е проблем за самата ЕУ.
„На некој начин оваа блокада не се однесува само на иднината на Северна Македонија во ЕУ, туку и на Западен Балкан. Сторивме се што можевме. Ние сме отворени, ние сме искрени и веруваме дека европското решение заедно со европските вредности е можно. Кога ова се случува треба да бидеме позитивно изненадени. Ние имаме одговорност кон нашиот народ, кон нашите народи да го заштитиме бидејќи, кога луѓето поминуваат низ момент на надеж, а потоа следува разочарување, а тоа е така на секои шест месеци од 18 јуни 2018 година навака, тоа не е здраво за нацијата”, порача Димитров.






