Од кабинетот на Николовски брифираат дека Основниот граѓански суд Скопје, утврдил дека Николовски не го наклеветил Делев и не постапувал злонамерно кон личноста на тужителот Делев.
„Во судската постапка, е утврдено дека Делев не успеал да ја докаже автентичноста на сите изјави изнесени од Николовски, кои се предмет на тужбеното барање, бидејќи за истите нема релевантни докази како аудио, видео-снимка или транскрипт. Судот утврди дека Николовски, преку своите прес-конференции во улога на дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја вршел својата службена должност и вршел проверка на сомнежите во незаконитоста на работењето на Христијан Делев, во периодот кога тој бил заменик- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на ВМРО ДПМНЕ“, велат од кабинетот на Николовски.
Спорот се однесува за изнесени наводи од страна на Николовски во периодот на извршување на функцијата дополнителен заменик- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во врска со инволвираноста на Делев во постапките за продажбата на млекарницата „Сведмилк”, ослободување од плаќање на закупнина за „АД Вардар –Градско” и за „АК Џумајлија”.
„Основниот граѓански суд, ги одби како неосновани наводите на Делев за клевета, а Апелациониот суд ја потврди првостпената пресуда на основниот граѓански суд Скопје, со која судот го одби како несоновано тужбеното барање на тужителот Делев, за утврдување на граѓански одговорност за клевета. Врз основа на оваа пресуда, Делев е задолжен да ги надомести трошоците во судската постапка“, брифираат од кабинетот на вицепремиерот.






