вторник, 19 мај 2026

Даштевски: Првите фингерпринтери ќе пристигнат на 25 август

Објавено на

часот

Сподели

„Договорот е склучен и покрај софтверот и терминалите тука спаѓа и друга дополнителна опрема, како резервни делови, куферчето за чување на опремата посебно направено за да биде отпорно на вода, прашина и кршење, потоа скенерот и термалниот принтер“, изјави Даштевски во интервју за МИА.

Тој потенцира дека договорот ги опфаќа и услугите што компанијата треба да ги испорача кон Комисијата во наредните четири години.

„Услугите ќе траат и во наредните четири години, тука спаѓа и сервисирање на опремата и присуство на инжинери на терен доколку е потребно. По склучување на договорот тие ќе склучат договори со контрактори и супконтрактори што ќе им бидат тука за помош, за логистика“, вели Даштевски.

Тој вели дека вработени од компанијата „Дермалог” ќе направат технички преглед на терминалите, ќе мора исто така да направат прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор, за околу 7.000 луѓе кои исто така ќе бидат обучени. Вработени од „Дермалог” исто така ќе го вршат полнењето и празнењето на терминалите со податоци од избирачкото место на кое ќе биде употребен соодветниот терминал.

„Нивниот софтвер треба да го поврзат со нашиот софтвер и да ги наполнат терминалите со бројчиња по Избирачки список односно по избирачки места“, вели Даштевски.

Посочува дека како посигурна ја избрале варијантата терминалите да ги содржат само податоците за лицата кои ќе гласаат на избирачкото место. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.

„Ние имаме наши закони и тоа ќе регулираме со Агенцијата за заштита на лични податоци, додека самите податоци добиени од МВР се криптирани и не може никој да ги отвори. Кога ќе дојде денот за полнење ќе се декриптираат и ќе се полнат во тие терминали. Точно ќе се знае за кое избирачко место, кој терминал ќе биде. Оние што ќе управуваат со нив (терминалите) не можат да ги извадат, да ги отворат бидејќи постои специјален сервер со кој се полнат и само тој сервер е програмиран за тоа“, изјави Даштевски.

Вработени на „Дермалог” ќе бидат мобилни и на денот на изборите и во секоја општинска изборна комисија ќе има по еден или двајца инжинери кои ќе бидат постојано на услуга. На крајот од изборниот ден терминалите ќе бидат земени од избирачките одбори и податоците ќе бидат вратени во серверот, потоа повторно ќе бидат криптирани и ќе бидат вратени на МВР.

Терминалите, системот, другата опрема и услуги што „Дермалог” ќе ги дава за четири изборни циклуси по ред ќе чинат околу 11 милиони евра, а гаранцијата за апаратите е пет години.

„Вкупната сума за пет години е 678 979 979 денари“, изјави Даштевски.

Исплатата на оваа сума, доколку целиот процес успешно се изведе, ќе биде по завршувањето на локланите избори односно средината на ноември годинава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ