вторник, 19 мај 2026

Сиљановска по средбата со Мусар во Љубљана: Доследна примена на европското право

Она што сакам да го потенцирам е да укажам на опасноста од билатерализацијата на процесот на проширувањето, особено кога таа е врзана за идентитетските прашања, за кои не се преговара. Ние не бараме привилегии, туку доследна примена на европското право и почитување на историскиот и културниот идентитет на народите и дигнитетот и интегритетот на индивидуите. Ова вчера во Љубљана го изјави претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката конференција за медиуми со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа официјална посета се реализира во година кога обете држави одбележуваат 35 години независност, но за мене има и лична димензија, бидејќи моето докторско академско искуство е врзано за Љубљана. Затоа, напати велам дека Словенија ја нарекувам како моја втора дежела“, рече Сиљановска.

Таа истакна дека Словенија е инспиративен пример на мала европска држава, којашто со стабилни демократски институции, владеење на правото и партиципативна политичка култура, успешно гради функционално и интегрирано општество.

„Денеска потврдивме дека билатерални односи се одлични, но има потенцијал за продлабочување на соработката во економијата, образованието, науката, културата и туризмот.

Посебно внимание и посветивме на потребата и можноста од зголемената трговска  размена, имајќи предвид дека Словенија и сега е еден од нашите најзначајни  инвеститори, особено во енергетиката и зелената транзиција.

Сакам да потенцирам дека директната авионска линија Скопје–Љубљана, со којашто допатував, дополнително ќе придонесе за релативизирање на далечината, односно за зголемување на близината.

Знам дека голем број македонски студенти своето образование го продолжуваат овде. Знам дека младите луѓе преку образованието и научната соработка, стануваат дел од европскиот академски простор.

Македонската заедница во Словенија има можност да се организира, да ги негува својот јазик, култура и традиција и да биде вклучена во Советот за народностите, што е уште еден доказ за словенечката демократска зрелост и за почитувањето на културната различност. Знам дека припадниците на македонската заедница во Словенија имаат сè поактивна општествена и политичка улога, преку учество во општинските совети и во Националното собрание. Ова е уште еден доказ дека во духот на европските вредности, успешната интеграција не подразбира откажување од сопствениот идентитет, туку негово негување и почитување.

Во однос на нашата европска интеграција, повторив дека остануваме посветени. За нас ЕУ беше и останува не само географски, историски, заеднички културен дом, туку и важен приоритет. И очекуваме како и досега, поддршка од Словенија на овој пат. Европската Унија, персонифицира единство на различностите. ЕУ останува инспиративна филозофија, ако си ги почитува вредностите  и принципите.

Интеграцијата на Западниот Балкан не е само политичко, туку и безбедносно прашање. Не е доволна реториката за да бидете отпорни на туѓи влијанија, бидејќи сите знаеме дека не постои политички вакуум којшто некој нема да се обиде да го пополни, или да влијае на него. Балканот секогаш бил своевиден лакмус за одмерување на силите на важните актери.

Ние имаме 100% усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, и заслужуваме низ призма на Копенхашките критериуми да покажеме зрелост и заинтересираност за европскиот пат“, рече Сиљановска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ