„Целосно измислени и невистинити се наводните „информации“ кои ги имало лицето Александар Василевски – Нинџа, како што се наведува во објавата, дека во КПД Штип се одржувале состаноци на кои се ветувале награди за негова наводна ликвидација или нанесување повреди. Најостро демантираме дека кое било од наведените лица во оваа објава се заканувало или подготвувало некаков напад врз него. Иако сме сигурни дека на јавноста повеќе од јасни ѝ се причините поради кои повторно истото лице, користејќи се со целосни измислици и лаги се обидува да ни нанесе штета, сепак сметаме дека е неопходно јавно да се огласиме за ваквите напади и истите да ги демантираме во целост.
Се работи за лице со очигледно нарушена психичка здравствена состојба, лице чии лажни изјави се користеа во судски постапки познати на јавноста и иако јавноста, но и правосудните органи, исто така, многу добро го познаваат и знаат за каков човек се работи, сепак, по ваков вид на измислици, очигледно е дека психичката состојба на ова лице треба да биде предмет на невропсихијатриско вештачење.
Никој од споменатите осудени за настаните од 27 април, како и другите споменати осудени кои издржуваат казна затвор во КПД Штип, ниту се заканил, ниту го повредил Александар Василевски – Нинџа, иако некои од нас со него долго време делеа и затворска ќелија. За ова доказ е и изјавата на директорот на КПД Штип кој конкретно наведува дека во затворот не се случил инцидент, ниту пак некој го нападнал Нинџа, а неговото барање за преместување и укажувањата дека животот му е во опасност се темелат само на негово усно кажување. Тука ќе оставиме јавноста да оцени колку е релевантно усното кажување на Александар Василевски – Нинџа.
Крајно време е државата и правосудните органи да преземат мерки и да ја испитаат психичката здравствена состојба на Александар Василевски – Нинџа, со што можеби и би се разјасниле ваквите негови постапки. Бараме против лицето кое повторно се обидува со секакви лаги да ни нанесе штета да бидат поведени соодветни судски постапки“, се вели во реакцијата на Јане Ченто, Игор Југ, Горан Ангелов – Ќосе, Кире Георгиевски, Мартин Димовски, Раим Џемаилов и Ајрула Мемедов.






