петок, 1 мај 2026

Антикорупциска ќе бара од Пендаровски да не го потпише Законот за изградба на автопати

Објавено на

часот

Сподели

Доколку Пендаровски сепак го потпише указот, следниот чекор ќе биде оспорување пред Уставниот суд.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција рече дека овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Притоа додаде дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

„Нема јавен интерес каде што има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена поскратена постапка во Собранието да се донесува закон што е од многу важно значење за целата држава“, рече Ивановска.

Според неа, чувството во ДКСК што се гради во овој период, е дека борбата против корупцијата од страна на останатите чинители во општеството останува декларативна и селективна.

„Нас тоа ни побудува чувство дека сме осамени во таа борба што сметам дека е многу лошо за нашата ситуација во државата“, вели Ивановска.

Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот.

Ивановска уште кажа дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрарност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализамот.

„Овој Комитет е клучниот фактор за утврдување на договорот со стратешкиот партнер и недозволиво е од аспект на одредбите на Законот за спречување корупција и судир на интереси да се остави таква недореченост, правна празнина во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите“, изјави Ивановска.

Законот што вчера го усвои Собранието, на предлог на група пратеници, е конкретна реализација на  Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.

Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 Д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ