петок, 1 мај 2026

Aбер дојде, Македонија со дефиле на различностите го одбележува Денот на независноста

Објавено на

часот

Сподели

Со премиерната изведба на симфонијата „Убави денови” од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на 30-годишнината од независноста, во изведба на Филхармонијата под диригентската палка на Бисера Чадловска, започна свечената програма за одбележување на овој значаен јубилеј пред Собранието на Македонија.

Припадници на оружените сили од Армијата и од формациите за јавна безбедност на МВР, нашите посветени здравствени работници, пожарникарите и другите припадници на системите за заштита и спасување, земјоделците и рударите, од индустријата, спортот, културата и фолклорните традиции, кои како приказ на нашето општество денес, ја споделија својата радост со гостите и граѓаните коишто ги поздравија со почит.

Нивното дефиле пред гостите ја отслика Македонија како држава од народот и за народот, со мултикултурна традиција и европска определба, ги прикажа и институциите на државата кои треба да работат во интерес на граѓаните.

Церемонијалниот дел на програмата за одбележување на 30-годишнината од независноста продолжи со изведбата на уметнички акт на Филхармонијата  сочинет од исполнувањето на Бетовеновата „Ода на радоста” со вокалните солисти од Националната опера и балет Ирена Кавкалевска – мецо сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Кристијан Антовски – бас, со вклучена кореографија на учениците од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”.

Овој дел од програмата се затвори со изведбата на антологиската „Абер дојде Донке” во изведба на Влатко Стефановски.

Свечената програма по повод 30 години од независноста продолжува со обраќањата на претседателот Стево Пендаровски, на претседателот на Собранието Талат Џафери (видео обраќање) и со обраќање на претседателот на Владата Зоран Заев.

Музичката програма што ќе следува по обраќањата на државниот врв предвидува изведба на музички сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во Македонија, во изведба на Вера Милошевска – Јосифовска, Јеона Шакири, Елеонора Мустафовска и Минела Богдановиќ, во продукција на Димитар Димовски.

Во рамките на културно-уметничката е вклучен и аудиовизуелниот перформанс реализиран врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина” на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.

Музичкиот дел од програмата со кој ќе заврши одбележувањето на 30-годишнината од независноста, предвидува изведби на антологиски забавни песни што ќе ги исполнат Мики Јовановски Џафер, Никола Перевски Пере, Тамара Тодевска, Дешира Ахмети, Џон Илија Апелгрен, Ристо Вртев, Светлана Јовановска, во придружба на Филхармонијата на Северна Македонија како и инструменталната изведбата на албанската народна песна „Бареша”, по што ќе следува свечен огномет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ