Според наводите во обвинителниот предлог, обвинетиот, по претходна вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал оштетената, неговата сопруга удирајќи ја по лицето и главата пред нивната малолетна ќерка, по што ја фатил за вратот и започнал да ја дави.
„Со дејствијата на обвинетиот, на оштетената ѝ биле нанесени телесни повреди и предизвикана психичка вознемиреност. Оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и ѝ го оштетил нејзиниот мобилен телефон. Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом“, информираат од ОЈО ГОКК.
Со обвинителниот предлог, обвинителството доставило и предлог за продолжување на мерката притвор поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да стане недостапен на органите на прогонот, како и поради постоење реални околности дека може да го повтори насилството.
„При тоа е земено предвид дека обвинетиот живее во заеднички семеен дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи било извршено насилството“, велат од ОЈО ГОКК.
Осомничениот полицаец, кој е дел од поширокото обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски е обвинет за телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Членот 130 од Кривичниот законик се однесува на кривичното дело телесна повреда. Во ставот 2 на овој член пишува дека телесната повреда (нападот) е повреда сторена при семејно насилство.
„Тој што друг телесно ќе го повреди или ќе му го наруши здравјето, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Тој што ќе го стори делото од став 1 при вршење семејно насилство, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години“, пишува во Кривичниот законик.
Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО ГОКК на 5 мај поднесе кривична пријава по итна постапка против Раде Ристовски, вработен како полицаец во ОЗОЛО-ЕОПРСМ при Министерството за внатрешни работи, поради основано сомнение за сторено кривично дело телесна повреда затоа што на 2 мај 2026 година физички ја нападнал неговата 37-годишна сопруга.
Ристовски беше уапсен и изведен пред судија на претходна постапка, кој му одреди мерка притвор во траење од осум дена, притвор за кој ОЈО ГОКК бара продолжување.
Во врска со сето ова, Мицкоски изјави дека постапувањето на надлежните државни органи е доказ дека нема заштитени лица, „за разлика од претходни практики, кога слични случаи не беа санкционирани“. Премиерот тогаш откри и дека жртвата, сопругата на сега обвинетиот полицаец е ќерка на негов колега од Машинскиот факултет.






