вторник, 2 јуни 2026

Пендаровски призна дека во неговиот кабинет неовластено се снимало и дека се разговарало за враќање на Груевски

Поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ потврди дека вработен во неговиот кабинет без дозвола снимил состанок на целиот државно-политички врв заедно со амбасадорите на САД и на ЕУ. Но, за него ова не може да се претстави како некаква шпионска афера како актуелната во кабинетот на претседателката Сиљановска. Пендаровски исто така потврди дека претставници на СДСМ и ДУИ му предлагале начини како да го вратат Никола Груевски од Будимпешта.

 

Објавено на

часот

Сподели

За аусио-снимката од средбата во неговиот кабинет, Пендаровски рече дека станувало збор за еден вработен во кабинетот кој бил припадник на „огнената група“, која беше зачетокот на Вреди во тоа време. „Тој, гледајќи дека на состанокот доаѓа и господинот Али Ахмети, од кабината на преведувачот успеал да сними неколку акценти од излагањето на Ахмети, за да може тоа партиски, политички да го употреби на другата страна, контрастраната од ДУИ. Откога тоа се откри, веднаш луѓе од надлежните институции вклучително и од АНБ разговараа со човекот, заклучија дека тој нема никаков контакт со странски служби и второ, тоа што успеал да го забележи на неговиот мобилен не е класифицирана информација. Не е никаква тајна. Потоа беше истеран, се разбира, од кабинетот“, рече Пендаровски.

Тој ја потврди изјавата на актуелата претседателка Гордана Сиљановска Давкова дека сите доверливи документи што ги добива кабинетот се во писмена форма и се архивираат во писмена форма, но, не се согласува дека нема афера по информациите за неовластен пристап и извлекување информации од компјутерскиот систем на претседателскоот кабинет.

„Тезата е дека класифицираните информации не може да се извлечат дигитално. Добро, а може ли да се извлечат мејловите, преписката внатре во кабинет или до влада, до министерства. Значи нагаѓам, не знам. Меѓутоа, суспендиран е човекот кој работел на одржување на компјутерската мрежа заедно со некои други колеги. Велиме немаме афера, а за што е суспендиран ИТ-техничарот? Во ред, не е суспендиран архивар, значи не е таму пробиено. Просто прашувам… И индикативно е зошто треба поприлично време да помине за вие да ги дадете видеоснимките или наодите од форензичките испитувања на мобилните телефони на припадникот на кабинетот“, изјави Пендаровски за „360 степени“.

Тој потврди дека на истиот состанок се разгледувале варијантите за враќање на Никола Груевски во Македонија за да го ослаби ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2024 година.

„Тогашната опозиција (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) направила транскрипт од снимката и го даде на американската амбасадорка, без да знаат дека и таа била присутна. Значи, станува збор за состанок, состаноци имаше такви три-четири најмалку и пред тоа и потоа на тема – Америка и Европската Унија сакаат да знаат дали ние имаме план за уставните промени, како би се приближиле до ЕУ. И тоа беше еден од тие состаноци на таа тема. Бидејќи во тој период имаше шпекулации, морам да бидам искрен и да кажам и во рамки на врвовите на тогаш владејачката партија СДСМ, дека наводно јас сум еден од проблемите за тоа, бидејќи не сакам да се согласам со помилување на Груевски. Кратко појаснување – Груевски во тој момент веќе има две правосилни пресуди и може да се врати само на два начина: ако јас го помилувам или ако донесат закон за амнестија во Собрание. Таков закон е донесен 2018 година, сите знаеме. И ВМРО, цела пратеничка група гласаше – 92 гласа има тој закон за делумната амнестија. Опфатени се многу луѓе, меѓутоа сите знаеме дека индиректно беа опфатени и оние што гласаа за промена на Уставот, за упадот во Собранието… И сега јас на почетокот, како домаќин на оваа средба што ви ја споменав, велам, ќе ми дозволите неколку позиции да објаснам кои се однесуваат на моето размислување за целиов политички контекст. И меѓу другите работи велам – слушам дека некаде има шпекулации дека треба јас да го помилувам Груевски зашто така е најбрзо да ја завршиме работава, па тој ќе дојде, ќе ги убеди пратениците на ВМРО, извесна бројка и ќе се гласаат уставните измени. Јас реков – на тоа да не смета никој, Груевски во ниту една варијанта немам намера да го помилувам. Ако сакате толку закон за амнестија, во парламент имате доволно мнозинство – терајте… Средбата е како до уставни промени. Што мислите вие, прашуваа странците. И тие даваа свои предлози, да не откривам детали, значи и Американката и Гир даваа свои предлози како полесно до таа варијанта или прашуваа, а зошто не би направиле вака? Тоа е ваше, меѓутоа каде ние можеме да помогнеме и така натаму и така натаму“.

На прашањето дали широка коалиција беше една од идеите на Американците во тоа време Пендаровски одговори:

„Од сите работи кои не сакам да ви ги кажам, ова се решив на крај да ви кажам, затоа што е јавно промовирано од поранешниот премиер Зоран Заев. Идејата за широка коалиција е дискутирана меѓу Заев и Мицкоски – да се направи широка коалиција и две точки има тој речиси неформален договор – прво, денес Бугари во Устав, утре предвремени избори. ВМРО добива избори година дена минимум порано од регуларниот термин, а политичкиот товар го поднесуваме сите и после тоа тераме не само кон Европска Унија, туку и без таков товар тераме во развој на државата многу побрзо. Таа идеја ја поддржа меѓународната дипломатија, вклучително и американската дипломатија. Сега, кој бил прв, меѓутоа јас знам дека Заев го објаснувал тоа во тогашниот врв на СДСМ и во Владата“, рече Пендаровски.

Во интервјуто тој ја остави можноста повторно да се кандидира за претседател на државата.

„Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини. Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика. Во овој момент, ако ме прашувате или ако е тоа вашето следно прашање, денес не гледам дека има такви претпоставки. Но, не исклучувам дека такви претпоставки ќе се формираат можеби наредната година или таа потоа“.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ