недела, 14 јуни 2026

Општина Пустец ја отвори туристичката сезона

Општина Пустец која опфаќа девет населени места, сите распослани на брегот на Преспанско Езеро, станува сѐ попривлечна дестинација, како за домашните така и за странските туристи.

Објавено на

часот

Сподели

„Минатата година над 100 илјади посетители го избраа ова од Бога благословено место, како своја дестинација, а  очекуваме овој број значително да биде поголем годинава“, рече за МИА, градоначалникот Пали Колефски, по вчерашното свечено отворање на туристичката сезона.

Според него тоа се должи на убавините со кои располага ова подрачје, срдечноста на жителите и подобрените услови и квалитетните услуги.

„Посетители од регионот и пошироко, вчера заедно со нас, се собраа да го прослават еден од најзначајните настани на годината за оваа туристичка дестинација. Овој настан беше повеќе од симболично отворање – тој го претстави големиот потенцијал што го има Преспа да се претвори во атрактивна туристичка точка, не само поради природната убавина, туку и поради заштитените подрачја, уникатната флора и фауна, како и богатото историско и културно наследство што овој крај со гордост го чува“, посочи тој.

Како локална власт, додава, планираме понатамошни инвестиции за развој на туризмот во текот на целата година, преку комбинирани понуди со плажи во лето и активности на отворено во текот на другите сезони, искористувајќи го природното богатство, биодиверзитетот и културното наследство на Преспанскиот регион.

„Јас често велам а тоа и сега ќе го повторам: Кога Бог одлучувал кому, колку и што да му подари, воопшто не размислувал тоа да биде ова наше подрачје, кое располага со многу природни богатства и убавини. Дополнително, вредните раце на мајсторите оставиле културно историски споменици, кои го пленат секој посетител“, посочува Колефски.

Инаку, активноста беше организирана на плоштадот „Гоце Делчев“ во центарот на Пустец, а традиционално, беа презентирани природните убавини, културните богатства, традиции и обичаи. Можеа да се вкусат македонските традиционални јадења, а големиот број присутни уживаа и во богатата музичка програма, со македонски песни и ора. Македонско оро долго се виеше на плоштадот, во кое учествуваа и гостите.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ