Ова е втор настан во рамки на одбележувањето на 35 години независност по настапот на ди џеј-от Давид Гета и Монолит шоу на 8 септември на Градскиот стадион.
Владината портпаролка, Марија Митева, денеска на прес-конференција посочи дека како Влада се подготвуваат за достојно одбележување на 35 години независност.
„Навистина ни е важно и сакаме граѓаните да уживаат и да покажеме дека имаме капацитет да организираме настан со македонски и светски ѕвезди“, изјави Митева.
Митева, исто така, најави дека ќе следуваат уште настани во рамки на одбележувањето кои ќе бидат дополнително откриени.
Бобан Милошески од „Авалон Продукција“, на прес- конференцијата по повод одбележувањето на „35 години независност“, рече дека ова е вечер на спој на македонската музика со светската класика.
„Сакавме да споиме нешто што е светско заедно со нашето македонско. На 1 септември на градскиот плоштад во Скопје ќе имаме концерт на Хозе Карерас и Македонија олл стар. Ќе има многу изненадувања таа вечер, кои нема да бидат соопштени. Оваа екипа на Македонија алл стар е личен мој избор и јас носам одговирност дали требало да има уште некој друг“, изјави Милошески.
Тој посочи дека во Македонија ол стар биле повикани и Владо Јаневски и Симон Трпчески, кои за жал не се во Македонија во тој период и нема да можат да настапат.
Настанот е поддржан од Македонската филхармонија, а аранжман на песните ќе прави Николче Мицевски.
Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери кажа дека му е чест што токму оркестарот на Филхармонија ќе ја отвори прославата по повод 35 години независност.






