петок, 17 април 2026

Oдбележан Денот на Командата за обука и доктрини: Покажуваме дека стоиме рамо до рамо со нашите сојузници

На полигонот во велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ денеска свечено беше одбележан 15 април, Денот на Командата за обука и доктрини – КОД, кога на 15 април во 1992 година пред 34 години во касарната во Охрид пристигнал  првиот регрут на македонската Армија – велешанецот Панче Јамандиев, а по него пристигнувале и другите регрути и во останатите касарни во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

На свеченоста, покрај министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, пензионирани генерали, поранешни команданти на КОД, претставници од Армијата, Министерството за одбрана, воено-дипломатскиот кор, локалната самоуправа, верските заедници и други гости.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, во своето обраќање од свеченоста потсети дека Командата за обука и доктрини е местото каде што „се дефинира начинот на кој Армијата учи, се развива и функционира. Тука се поставуваат основите на секој еден професионален припадник“ и додаде дека само со јасни доктрини, со квалитетна обука и со континуирано усовршување, ќе имаме функционална и подготвена Армија.

„Особено значајна е вашата улога во усогласувањето со НАТО-стандардите. Интероперабилноста не се постигнува декларативно – таа се гради преку систематска, прецизна и континуирана обука. Благодарение на вас, нашите припадници се способни да дејствуваат рамноправно и професионално во мултинационална средина каде секојдневно покажуваме дека стоиме рамо до рамо со нашите сојузници“, потенцира министерот Мисајловски.

Воедно потсети и армискиот полигон „Криволак“, кој како дел од Командата за обука и доктрини претставува еден од најважните ресурси на Армијата.

Тој најави дека вредноста на полигонот „Криволак“ ќе се види и на претстојната вежба „Блесок 26“ на која ќе се изврши оценување на Лесната пешадиска баталјонска група.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање истакна дека Командата за обука и доктрини ја надминува рамката на класична обука, спроведувајќи трансформација на цивилниот потенцијал во високо обучен, дисциплиниран и вредносно профилиран воен кадар, способен за извршување задачи во сложени и динамични  оперативни средини.

„Преку систематизиран пристап кон едукацијата, тренингот и евалуацијата, создавате лидери на сите нивоа на командување, изградени врз принципите на професионализам и лојалност кон уставниот поредок и државните интереси“, истакна генералот Лафчиски.

Командантот на КОД, бригаден генерал Лулзим Нуредини, во своето обраќање до присутните истакна дека водени од мотото „Секоја вештина бара усовршување“, припадниците на КОД остануваат цврсто посветени на исполнување на доделените задачи, усогласување со НАТО-стандардите и континуирано унапредување на способностите на Армијата.

Воедно нагласи дека припадниците на Командата за обука и доктрини дале значаен придонес и во поддршка на цивилните институции, особено при справување со пожарите што ја зафатија нашата земја, потврдувајќи ја својата професионалност и подготвеност да служат на граѓаните.

Во рамки на свеченоста беа доделени стимулативни мерки на припадници на КОД за постигнатите резултати во работењето, благодарници на организации и поединци со кои Командата соработува, како и дипломи на екипите кои учествуваа на спортските натпревари организирани по повод Денот на единицата.

Дополнително, на победниците на конкурсите за најдобра ликовна творба и најдобра поема организирани од ООУ „Васил Главинов“ – Велес им беа доделени признанија и награди. На настанот беше прочитана и најдобрата поема, а беа изложени и цртежи од ученици од основните училишта во Велес.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ