Суштината е дека судот потврди она што го кажував од стартот на прогонот а тоа е дека не може да има кривично дело несовесно работење во службата без да има оштетени, вели Димоски во изјава за МКД.мк.
„Минатата недела добив пресуда со која е потврдена ослободителната пресуда на Основниот суд Струга. Правосилно е ставена точка на тригодишната судска хајка нарачана од мојот противник на изборот за уставен судија (се мисли на поранешниот Републички јавен обвинител Љубомир Јовески н.з.), а спроведена од неговите измеќари. Најодговорно тврдам дека обвинителот кој го застапуваше обвинението, од почетокот, па до крајот не разбра за што ме товари. Не разбраа ни од Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Битола кои на два пати застанаа зад неговите жалби! Тоа го кажував во текот на целата постапка, а обвинителството иако тоа го знае или треба да го знае по редот на нештата инсистираше на кривично правен прогон кој траеше речиси три и пол години. Тоа ја потврдува околноста дека станува збор за незаконит прогон кој според мене имаше за цел да ги дисциплинира другите обвинители во смисла да им покаже како завршуваат непослушните. Во текот на постапката не беше повикан никој од наводно оштетените, обвинителството не достави ниту други докази, освен списи од обвинителски предмети и предложи распити на вработени во охридското обвинителство на околности кои немаа врска со обвинението. Ама немам лутина за никого и на сите им проштевам. Им проштевам што дури кога го видоа ќорсокакот во кој одат со постапката не се повлекоа, па дури ми пуштаа поздрави да признаам вина и да добијам условна осуда!“, вели Димоски.

Како поткрепа на ова свое тврдење дека бил незаконски прогонуван, Димоски упатува на аудио снимка јавно објавена на платформата јутјуб, а на која, како што тврди, се слуша разговор помеѓу него и поранешната шефица на ВЈО Битола, Мери Тромбева.
На аудио снимката се слуша како женски глас го советува соговорникот да се воздржи од несоодветни написи за тоа како работи правосудството затоа што, ако не го стори тоа, ќе биде приморана да преземе мерки.
„Потврдувам дека на таа аудио снимка е мојот глас и тврдам дека женскиот глас е гласот на поранешната обвинителка Мери Трмобева, живо се сеќавам и на самиот настан како и на времето и местото на истиот“, категорчен е Димоски.
Навраќајки се на 19-ти септември 2022 година, кога веќе бил адвокат, Димоски се присетува дека тоа претпладне добил повик од новинар кој побарал од Димоски да потврди дали Јавното обвинителство поднело обвинение против него.
„Учтиво ја упатив за тоа да праша на вистинска адреса, кај Љубомир Јовески бидејќи во повеќе наврати преку неговите орки ми имаше упатено такви закани (едната од тие кои се снимени, дури е објавена на јутјуб), крајно тие се оние кои обвинуваат во случајов. Кога проверив во судската писарница добив одговор дека такво обвинение не е поднесено против мене до тој момент, а од судот ми јавија после цели три часа кога навистина го примија обвинението. Не сакам да верувам дека некој од обвинителството предвреме ја брифирал! Истиот ден бев осуден, ама не од судот туку од непристрасните медиуми кои до детал ја цитираа содржината на обвинението“, сведичи за МКД.мк, Димоски.
Поради ова, Димоски најавува кривични пријави и претставки против, како што вели тој, инволвираните обвинители во неговиот незаконски прогон.
„Ќе поднесам претставка за несовесно работење против обвинителот Џемал Лога кој до последно го застапуваше обвинението иако знаеше дека нема елементи на кривично дело. А против иницијаторите на постапката, сега пензионираните обвинители, Љубомир Јовески и Мери Тромбева поранешна шефица на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Битола како и други обвинители од битолското ВЈО ќе поднесам кривични пријави“, непоколебливо вели Димоски.
Искра Опетческа






