На денешната прес-конференција Филипче рече дека освен мерките кои стапуваат во сила денеска, засега не се размислува за други мерки, особено регионални за Тетово на пример каде што ситуацијата е сериозна, но ќе се следи ситуацијата и, како што се разговарало на денешниот состанок, ако треба ќе има дополнително ограничување на работата на угостителските објекти и намалување на капацитетот во јавниот превоз.
„Менаџирањето на ситуацијата, како што посочува, индицира сериозна потреба од одговорност од страна на граѓаните, особено од денеска кога во сила стапуваат новите мерки. Процесот на вакцинација се одвива непречено на сите пунктови низ државата и се надеваме дека овој тренд на зголемена заинтересираност и натаму ќе продолжи. Повикувам на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење на лична хигиена и вклучување во процесот на имунизација. Вакцините штитат од тежок тек на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот“, рече Филипче.
За епидемиолошката состојба кажа дека најсериозна е ситуацијата во Тетово и во Гостивар каде што се исполнети капацитетите на интерните и инфективните одделенија, а полна со пациенти е и болницата во Лешок.
Од денеска, како што кажа Филипче, ќе работи и модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје, ковид-пациенти ќе има и во инфективното одделение во 8 Септември, ќе има тријажен центар во Институтот за ТБЦ, како и во две поликлиники, најверојатно „Јане Сандански“ и во Ѓорче Петров.
Филипче е задоволен од процесот на имунизацијата со оглед дека минатата недела биле даде 50-тина илјади вакцини и вакцинирано се околу 35 отсто од граѓаните. Во однос на вакцинирањето на децата информираше дека се вакцинирани 4.000 деца од 12 до 18 години, а најмногу од нив се на 16, 17 или 18 години.
Тој најави и препорака за трета доза вакцина кај луѓе кои се „имуно компромитирани“, односно тоа се пациенти со трансплантирани органи, на редовна дијализа и некои други, согласно дијагнозата на болеста. Одлуката за ова ќе се официјализира наредната недела.
На новинарско прашање за коментар во врска со вчерашните протести, Филипче реча дека е разочаран.
„За протестот сум разочаран. Не слушнавме порака за вакцините, за жал тоа беше протест со навреди и закани за здравствените работници кои ги ризикуваа животите во сите бранови, а и сега. Ќе побарам од лекарската комора став и осуда за тоа вчера што се случуваше“, рече Филипче.






