вторник, 19 мај 2026

Љутков од Разловци: Народ што ја чува својата меморија, ја чува и својата иднина

Разловечкото востание претставува вонвременски миг во кој еден народ застанува пред бездната на сопственото исчезнување и одлучува дека достоинството вреди повеќе од животот. Во таа одлука лежи целата негова големина. Јунаците од Разловци не ја победија Империјата, но ја победија тишината, а таа е најстрашната форма на ропство. Одовде, во Разловци, селани, учители, свештеници и револуционери тргнаа кон сигурна саможртва и токму затоа нивниот чин ја надминува историјата и влегува во вечноста на македонската легенда. Во тоа е трагичната величественост на Разловечкото востание, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков во својот говор по повод 150 години од Разловечкото востание.

Објавено на

часот

Сподели

„Сто и педесет години од камбанаријата на црквата Св. цар Константин и царица Елена во ова мало место одекнува името на непокорот што никој не успеал да го замолчи. Сто и педесет години Разловци стои исправено над македонската историја и трае како највисок пантеон на македонскиот опстој. Овде, во 1876 година, македонскиот народ го разгоре жарот, што подоцна ќе прерасне во силен ослободителен бран во цела Македонија. Разловечкото востание е еден од најсилните постаменти врз кои почива борбата на Македонецот за слобода, темел во кој е вградена жртвата на најдобрите македонски синови и печат на историска самосвест од почеток на едно долго и мачно искачување кон државноста“, истакна министерот Љутков.

Балканот во деветнаесеттиот век врие од востанија, од копнежи, од борби против вековното ропство, додаде тој, а народите го бараат своето место под сонцето.

„Во тој историски вител на случувања Разловци станува јасен синор меѓу историите. Граница што времето не успеа да ја избрише. Овде се бранат чувството на припадност, сопствениот јазик, сопственото историско достоинство“, рече Љутков.

Министерот нагласи дека посегањето по македонскиот идентитет трае до денес, во текот на децении и системи, кај дипломатски маси и политички сценарија, во книги со избришани страници и мапи со туѓи бои.

„Македонија постојано е изложена на обиди за распарчување на нејзината меморија. Оттука, секој обновен споменик, секоја зачувана приказна и секое спомнато име на разловечките јунаци претставува тивок, но моќен отпор против заборавот. Затоа што народ што ја чува сопствената меморија, ја чува и својата иднина“, потенцира Љутков.

Владата на Македонија, Министерството за култура и туризам и Конзерваторскиот центар издвоија дваесетина милиони денари за обновување на Спомен-домот на Разловечкото востание, со што, како што вели тој, ова место станува своевиден универзитет од кој младите генерации ќе изучуваат една важна животна лекција: Како се сака татковината.

„И додека од подрумите на историјата во соседството, за жал, повторно шушкаат стаорците на неоврховизмот, некој можеби и со право ќе се запраша зошто овој спомен-дом не беше возобновен многу порано. Одговорот е многу едноставен: Македонија предолго живееше со страв да не навреди некого ако се сака себеси. За Разловци треба да се има ’рбет. Треба народ што не се плаши од сопствените победи и порази. Треба држава што нема да оди на прсти низ својата историја како низ туѓа куќа“, рече министерот Љутков.

Порача делото на Димитар Поп Георгиев Беровски, Поп Стојан Карастоилов, легендарниот Илија Марков – Дедо Иљо Малешевски, Никола Скрижовски и многу други знајни и незнајни јунаци од разловечката епопеја, како македонско востание запечатено со печатот на Штабот на востанието, да биде вечен извор на македонскиот непокор, достоинство и стремеж кон слободата, аманет што ќе нè обединува и ќе нè држи простум пред историјата и иднината.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ