вторник, 19 мај 2026

Делчевчани со иницијатива, Разловци да биде заштитена историска целина

На 150-годишнината од одбележувањето на Разловечкото востание денеска во Разловци беше пуштен во употреба реконструираниот Спомен-дом на Разловечкото востание за што Владата, Министерството за култура и Конзерваторскиот центар издвоиле дваесет милиони денари. На свеченоста, во својот говор, градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека до Управата за заштита на културното наследство и Министерство за култура и туризам ќе биде поднесена граѓанска иницијатива Разловци да биде заштитена историска целина, а 19 мај да биде прогласен за неработен ден.

Објавено на

часот

Сподели

„Поднесуваме граѓанска интитуционална иницијатива за почнување постапка за прогласување на село Разловци за заштитена историска целина (културно наследство од особено значење) на Македонија. Ние, долупотпишаните граѓани, жители на село Разловци, Општина Делчево, пошироката јавност и почитувачите на македонската историја, врз основа на Законот за заштита на културното наследство, ја поднесуваме оваа официјална граѓанско-институционална иницијатива… со која ќе побараме надлежните институции да почнат постапка за изработка на елаборат за валоризација и донесување закон за прогласување на село Разловци за културно наследство од особено значење – заштитена историска целина“, рече Гоцевски.

Со ова, дополни тој, сите оставаме силна порака пред историјата дека „овде е центарот на Балканот, крстопат на цивилизациите“ и дека Разловци треба да го добие заслуженото место во македонската општествена свест.

„Денес, одбележуваме голем јубилеј! 150 години непокор на македонскиот народ! 150 години борба за слобода и просперитет! 150 години постоење на пламенот што ја грее Македонија“, рече Гоцевски додавајќи дека тогаш во Разловци се родил крикот на македонскиот непокор.

Гоцевски го цитираше Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски, кој рекол дека „Македонецот не бара милост, туку слобода. Нашата борба е за нашата чест“, посочувајќи дека денес ние не се поклонуваме само пред минатото, туку се поклонуваме пред достоинството.

„Колку тоа во минатото и некому да не му одговарало, да се обидува да го заборави, намерно или ненамерно, ние како одговорни луѓе ќе го чуваме, промовираме и ќе ја раскажуваме вистината за Разловци, која мора да ја слушаат нашите деца, да ја научат и да ја знаат за да ја остават на своите наследници како аманет“, рече Гоцевски, кој му се заблагодари на премиерот Мицкоски за поддршката.

Реконструираниот Спомен-дом на Разловечкото востание, како што рече, не е само објект од стакло, камен и дрво, туку е храм на македонската меморија, место каде што секој човек и секое дете ќе може да ги почувствуваат тежината на борбата и величината на идеалот за слобода.

Со поддршка на Владата и Министерството за култура и туризам преку Националниот конзерваторски центар Скопје и Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево се извршија конзерваторско-реставраторските работи за непосредна заштита на Спомен-домот на Разловечкото востание и негово прогласување за културно наследство и уредување. Во подготовката на историската поставка учествувале наши врвни научници и историчари.

„Овој голем јубилеј нека биде повик за нашата одговорност како генерација да го чуваме и афирмираме историското наследство, повик за единство и повик да веруваме во сопствените капацитети, во нашата борба за достоинствена Македонија исто толку колку што верувале и Димитар Поп Георгиев Беровски и Поп Стојан и нивните приврзаници – разловечките востаници“, рече Гоцевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ