сабота, 16 мај 2026

Со „Фајзер“ од понеделник може да се вакцинираат деца од 12 до 16 години, најави Филипче

Објавено на

часот

Сподели

Како што кажа во изјава за медиумите, од понеделник нема потреба за закажување, а „Фајзер“ вакцини има на сите пунктови и родителите можат да дојдат со децата по своја волја. Во контекст на новите случаи на делта сојот, тој кажа дека овој сој е позастапен кај младите и поминува со полесна форма, па затоа и се става акцент на вакцинација на помладите, но и заради обезбедување на образовниот процес.

Во однос на бројот на заболени од делта сојот, Филипче изјави дека кај четворицата пациенти за кои вчера се чекаа резултати, потврдено е присуството на делта сојот, а едниот од четворицата е во потешка состојба. Се работи за членови на две семејства, односно две брачни двојки кои немале премногу контакти и нема епидемилошоки ризик. Сепак, ќе се проверуваат индивидуалните контакти на четворицата.

Епидемиолошката состојба во моментов е добра, но до крајот на неделава со Комисијата за заразни болести ќе се разговара дали треба да се воведат некакви рестриктивни мерки. Според Филипче, евентуално доаѓаат предвид мерки на границата за оние што влегуваат во државата, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи. 

„Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени“, изјави Филипче.

На новинарско прашање дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на РС Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи оти има епидемиолошка вредност, тоа ќе важи за сите. 

Истовремено тој повика граѓаните да се вакцинираат бидејќи сите вакцини штитат од тешка форма на болеста и смрт. Според него, само со поголема застапеност на вакцинирано население, може да се спречи масовно проширување на било која нова варијанта на коронавирусот.

„Ова е ситуација којашто ни покажува и ни докажува колку е битно граѓаните да се вакцинираат поради тоа што вакцината штити од тешка болест и од смрт. Било која од вакцините коишто ги имаме во нашата земја и тоа е суштината. Поради тоа што еве гледаме што се случува во Англија и покрај тоа што имаат нов бран предизвикан од индискиот сој, има целосно попуштање на мерките. Тоа е поради тоа што ние во иднина не знаеме дали ќе има нова и нова мутација на вирусот којашто ќе предизвикува нови и нови бранови, што значи дека оваа болест е една од оние непредвидени сценарија. Епидемија може да трае и повеќе години, некои предвидувања беа дека и дури и до 2024 година, дека ќе премине можеби и во ендемска форма, ама тоа не значи дека ние треба да живееме затворени. Тоа значи дека сите, што поголем број на граѓани треба и мора да се вакцинираат. Така ќе се заштитат себеси, така и да е присутен вирусот и да дојде некоја нова мутација, ако се заразат ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка“, изјави Филипче.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ