
Според податоците од Министерството, во државата вкупно се аплицирани 1.358.067 дози вакцини, а ревакцинирани се 603.795 граѓани. Барем една доза вакцина имаат примено 54 отсто од населението над 40 години и 30 отсто од населението од 18 до 39 години.
Како што повторуваат од Министерството, вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата, а само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата.
Во тој контекст се и податоците од анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид-19, во период од 6 август до 9 септември. Притоа за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во период од 06.08 до 09.09.2021 на територија на државата 26.053 граѓани се позитивни од тестирани на ковид-19, а од нив 19% биле целосно вакцинирани, односно 5.175 лица.
Податоците покажуваат дека голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19 и во изминатите пет недели 20.878 граѓани, односно дури 80% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84%, додека само 16% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Анализата покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема и во период од пет седмици на територијата на државата починале 678 лица со ковид-19, 591 пациент (87%) од починатите не биле вакцинирани, а 87 (12%) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.






