„Во оваа насока се и протоколите, изработени од епидемилози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата. На состанокот беше заклучено дека и кај вработените во градинките и останатиот персонал продолжува вакцинацијата, а моментално 60 проценти се вакцинирани“, се вели во соопштението по седницата.
На состанокот на Кризниот штаб на Владата бил донесен заклучок да се предложи, на Владина седница да се разгледа потребата од донесување одлука, при влез и излез од Македонија за сите граѓани, да мора да се приложи сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19 (но не подолг период од 45 дена од оздравувањето) или негативен ПЦР тест.
„На денешниот состанок, се разговараше и за можноста, покрај задолжителната потврда за извршена вакцинација, за лицата над 18 години при влез во угостителски објекти на отворено, да важи и потврда за прележан ковид-19, за период до 45 дена од оздравувањето“, информира Владата.
На состанокот било разговарано за мерки и активности за обезбедување на целосна координација со локалните институции и фактори заради спречување на ширење на коронавирусот, но и обезбедување целосна грижа за колективното здравје.
Министерот за здравство Венко Филипче информирал за состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар и оценил дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје.
Министерот изразил задоволство од текот на вакцинацијата кај населението, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по најавата што беше дадена за рестриктивните мерки, кои важат од денеска.
На состанокот на Штабот било речено дека вакцини има доволно и дека се очекуваат дополнителни дози и во наредниот период.






