На три недели пред почетокот на новата учебна година, новиот бран на коронавирусот повторно внесе многу непознаници и дилеми, дали наставата ќе почне со физичко присуство, каква што е и намерата на Министерството за образование и, веројатно желба на повеќето наставници и ученици.
Новите мерки на Владата, донесени по барање на Комисијата за заразни болести, иако во нив не се конкретно наведени ниту училиштата како институции, ниту пак е спомната учебната година, сепак наведуваат на заклучок дека ни овој септември наставата нема да започне целосно со физичко присуство. Секако, доколку дотогаш не се променат здравствените мерки, односно не се подобрат состојбите со заразата, во што епидемиолозите се сомневаат.
Првата дилема што се наметнува е поради тоа што мерките предвидуваат ограничување на влез во објекти на лица што не се вакцинирани барем со една доза на вакцина против ковид-19.
Тоа значи дека 40 проценти од наставниците во земјава нема да можат да влезат на работа со физичко присуство. Од МОН за МКД.мк соопштија дека досега се вакцинирани околу 60 проценти од наставниот кадар, односно 31.447 вработени во училиштата.
Но тој процент кај децата над 12 години е многу низок, имајќи предвид дека од неодамна во земјава е дозволена вакцинација на деца над таа возраст, додека за помалите деца вакцинација не е препорачана. Досега здравствените власти всушност и не соопштија некаков став во врска со учениците и нивната имунизација. Но, секако, додека заразната болест не стивне, полните училници ќе бидат поволен простор за ширење на вирусот и зголемување на бројот на новозаразени од болеста во земјава.

На директното прашање што МКД.мк го упати до МОН дали поради фактот што наставниот кадар не е доволно имунизиран „може да се случи со физичко присуство да одат на работа само имунизираните наставници, а останатите да работат од дома“, конкретен одговор е избегнато да се даде:
„МОН неколку пати досега апелира до наставниците и сите придружни и помошни кадри да се пријават за вакцина за да се зголеми процентот на имунизирани што работат во училиштата, бидејќи само на овој начин, преку грижа за личното здравје, ќе се даде придонес кон заштита на јавното здравје и истовремено ќе се овозможи непречена и квалитетна реализација на воспитно – образовниот процес“, одговорија од МОН.
Секако, вакцинацијата во земјава не е задолжителна и веројатно на директен начин никој не може да биде присилен да прими вакцина против ковид-19. Но мерките на Владата, како таа без потврда за примена барем една доза на вакцина да не може ниту на кафе да се оди во угостителски објекти, веќе мотивираше илјадници граѓани да се упатат кон вакциналните пунктови, за што сведочат редиците граѓани, иако владеат тропски горештини.

Од МОН всушност, потврдуваат дека по однос на тоа прашање, практично, не се многу моќни.
„По однос на процесот на вакцинација на населението, вклучително и на наставниците, тој е надлежност на Министерството за здравство со чии служби сме во постојана комуникација, заради успешна имунизација на вработените во образовните установи. Во три наврати досега МОН достави списоци со вработени во училиштата до МЗ кои се вакцинираа, а во тек е собирање на податоци и за четвртиот циклус на вакцинирање на училишен персонал”, велат од Министерството за образование.
Дел од наставниците, во меѓусебна комуникација изразуваат стравување дека можеби ќе се случи тие што се вакцинирани против ковид-19 да го понесат најголемиот товар на наставата, додека другите, невакцинираните, ќе бидат како привилегирани лица.
Од Министерството велат дека се прават интензивни подготовки за новата учебна година и дека се имаат предвид ризиците од пандемијата, па затоа имаат разговори со Министерството за здравство. За МКД.мк од МОН велат дека се подготвени за три сценарија за наставата, во зависност од епидемиолошката состојба.

„Првото сценарио за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива, е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во учебната 2020/2021 година, која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство, а дел да реализираат онлајн – настава и, третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање. Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести“, одговорија од МОН и додаваат дека планот за наставата и за протоколите е доставен до сите училишта.
За почетокот на новата учебна година владее голем интерес како меѓу наставниците и учениците, така и меѓу родителите. И тие изразуваат загриженост поради секојдневниот пораст на бројот на заразени во земјава и уште повеќе затоа што новиот делта сој на коронавирусот, според научните согледувања, поволен амбиент за свое ширење наоѓа токму кај помладите. А помладите, потоа болеста ја шират во семејствата, кај постарите.
П. Џамбазоски






