Според лекарските извештаи, на 18 oктомври младата пацинетка за првпат побарала лекарски преглед во клиниката болница во Битола.
„Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, ТТ 40С, отежнато дишење и болки во телото и мускулите. Овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола. Лекар ја прегледал во пнеумофизиологија – амбуланта за суспектни пациенти со ковид, тестирана е за ковид-19 и истот ден е добиен резултат ‘ковид позитивна’. Поради сериозност на состојбата задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка. За пациентката, поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, веднаш е организиран транспорт на КИБФС во Скопје. На 19.10 пациентката со возило на Итна Помош е донесена на Клиниката во многу тешка состојба. За време на транспортот е на постојана кислородна поддршка под надзор на медицински тим во возилото.
Пациентката е примена во единица за интензивна нега на КИБФС и почнат е интензивен третмант по протокол за лекување пациент со тешка ковид-19 инфекција. Во тек на престојот следи прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот дена драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина“, се вели во соопштението на Министерството за здравство за овој случај на фатален крај на болеста кај млада, малолетна пациентка.






