четврток, 26 март 2026

Невреме во Гевгелија, ветер го откорна покривот на училиштето „Јосиф Јосифовски“

Поради силен ветер, летна лимената конструкција од покривот на училиштето „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Настанот, како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), е пријавен на единствениот број за итни повици 112. Од ЦУК уште информираа дека се регистрирани и штети во Скопскиот, Тетовскиот и Кичевскиот регион.

Објавено на

часот

Сподели

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

„За настанот се известени ТППЕ Гевгелија, ЕЛС Гевгелија и ПС Гевгелија, кои ќе преземат понатамошни мерки во согласност со своите надлежности“, соопшти ЦУК.

Во Скопје, како резултат на силниот ветер во скопската котлина, на шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.

За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

„Одговорот од Паркови и зеленило е дека има многу вакви ситуации предизвикани од силниот ветер и ќе постапуваат по приоритети од досега пријавеното“, информираа од ЦУК.

Во врска со поплавите од претходните денови во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, состојбата постепено се нормализира.

Во Тетово, патниот правец Тумчевиште–Чегране сè уште е затворен за сообраќај поради безбедносни причини. Нивото на реката Вардар е намалено во однос на претходните три дена и во моментов нема опасност од излевање.

Во текот на ноќта, во селата Нераште и Глоѓи (Општина Теарце) паднати се две бандери од Телеком. Во село Нераште бандерата е падната покрај патот и не го блокира сообраќајот. Во село Глоѓи бандерата е падната преку патот. Известен е Телеком, а проблемот ќе се решава во текот на денот.

На територијата на Кичево се очекува понатамошна стабилизација на состојбата.

Нема пријави за одрони на магистралните патишта и сообраќајот се одвива редовно.

Бројот на евакуирани лица останува непроменет, 250 лица (63 семејства), на кои редовно им се доставуваат храна, вода и неопходни средства. Екипа од Медицинскиот центар врши здравствени прегледи и дава соодветни совети на евакуираните лица.

Екипи на ЈП „Комуналец“ работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река, со поддршка од механизација на локални компании. Паралелно се врши чистење на фекалната и атмосферската канализација. ТППЕ, со поддршка на пумпи од ПО ДЗС Кичево, продолжува со испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај, 29 Ноември и други локации каде има пријави за поплавени објекти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ