Од македонско6о Министерство за надворешни работи велат дека станува збор за историски успех на македонската дипломатија, бидејќи за првпат од независноста државата ќе биде членка на едно од главните тела на системот на Обединетите нации.
„Првпат од осамостојувањето сме избрани во едно од водечките тела на Обединетите нации (ОН). Огромен успех за државата и македонската дипломатија. Избрани сме со 174 гласа“, објави премиерот Христијан Мицкоски за овој избор.
„Во Обединетите нации во Њујорк, нашата држава беше избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на ОН – ЕКОСОК, за периодот 2027–2029 година. Овој избор е потврда дека државата може да постигнува резултати кога работи плански, сериозно и со јасна дипломатска цел. Тоа е признание за трудот на нашата активната дипломатија и за довербата што ја градиме со нашите партнери“, нагласи Мицкоски.
Во изминатиот период, додаде премиерот, Македонија стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје. А изборот во ЕКОСОК, истакна тој, е продолжение на тој позитивен тренд и доказ дека нашето присуство во меѓународните организации станува посилно и повидливо.
По повод изборот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во видео обраќање нагласува дека ова е уште една потврда за кредибилитетот и активната улога на државата во мултилатералната дипломатија.
„Ова е успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба и на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но носи конкретни резултати. Ова е дипломатски успех кој не се мери само со изборот, туку и со довербата што стои зад него“, истакна Муцунски.
Тој посочува дека изборот во ЕКОСОК претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на присуството на државата во мултилатералните процеси, по членството во Советот за човекови права на Обединетите нации и Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје.
Членството во ЕКОСОК, како што се наведува во соопштението, ќе овозможи поактивно учество на државата во глобалните дебати и процеси поврзани со економскиот и социјалниот развој, одржливиот развој, хуманитарните прашања и човековите права, како и дополнително зајакнување на нејзината меѓународна видливост и кредибилитет.
Економскиот и социјалниот совет е еден од шесте главни органи на Обединетите нации и има централна улога во координацијата на економските, социјалните и развојните политики во рамките на системот на ОН.






