Од името на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), Марко Кричка истакна дека партиите се дел од заедничко европско семејство и дека регионалните искуства можат да придонесат во процесот на европска интеграција.
„Тоа е сложен процес и свесни сте за тоа, и сакаме да ви помогнеме да не ги правите истите грешки како што ги направивме ние. СДП и СДСМ се братски партии не само кога е во прашање регионот, туку и кога е во прашање европската сестринска приказна. Социјалната демократија секогаш била најсилна кога била најхрабра“, порача Кричка.
Претседателот на Демократската странка на Србија, Срѓан Миливојевиќ, порача дека иднината на регионот е поврзана со борбата против корупцијата и враќањето на политиката во служба на граѓаните.
„Студентите победуваат во Србија. Мафијата ја завршува својата епоха на Западен Балкан. Победува храброто и чесно срце. Европа бара чисти раце и чист образ“, рече Миливојевиќ.
Од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Црна Гора, Јасмин Бојаџиќ нагласи дека Македонија и Црна Гора ги поврзуваат заеднички евроатлантски цели.

„Црна Гора и Северна Македонија направија клучни чекори кон НАТО и отворање на патот кон ЕУ. НАТО е безбедносен чадор без кој државите на Балканот би биле изложени на сериозни ризици“, нагласи Бојаџиќ.
Иван Вујовиќ од Социјалдемократската партија на Црна Гора, исто така, оцени дека местото на земјите од регионот е во европското семејство. „Вие Македонците успеавте да зачувате нешто најсвето за секој човек – ја зачувавте душата, а праведно би било токму вашата Македонија да биде среќна, богата и уредена европска земја“, рече Вујовиќ.
Бојан Костреш од Лигата на социјалдемократите на Војводина порача дека политичката борба продолжува со јасна европска ориентација. Вчерашната Скопска иницијатива и денешниот конгрес, вели, се почеток на победата на СДСМ и почеток на слободна и европска Северна Македонија.
Претставникот на Социјалдемократите од Шведска, Маркус Олави Каупинен, во своето излагање истакна дека политиката треба да биде насочена кон решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, нагласувајќи дека социјалдемократите мора заеднички да работат на еднаквоста и социјалната сигурност.
Заедничката порака од странските гости на конгресот беше дека Македонија припаѓа во Европската Унија и дека европската иднина на земјата зависи од зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото и ефикасната борба против корупцијата.

Нашата нова идеолошка платформа мора да биде многу повеќе од декларација, таа мора да стане политички инструмент за дејствување, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот 32 Конгрес „Твоја држава – твоја шанса“. Филипче посочи дека СДСМ од овој ден натаму мора да изврши силен, континуиран и одговорен притисок врз власта во три насоки.
„Прво, да бара јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите, со рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет. Доста беа збунувачки изјави и маркетинг фотографии. Народот има право да знае што е планот, кој е следниот чекор и кој ќе одговара ако Македонија повторно остане во чекалната“, рече Филипче.
Дел од клучните столбови на новата Платформа како што појасни Филипче се фер оданочување, поголеми плати, правда за работниците.
„Да понудиме социјалдемократска алтернатива на овој економски и институционален застој: заштита на трудот, раст на платите, поефикасна борба со скапотијата, правда во оданочувањето, силни антикорупциски механизми, департизација на институциите и нов социјален договор за младите. Ако истиот даночен товар еднакво го чувствуваат и оној што живее од плата и оној што живее од шпекулации или скриен капитал, тогаш тоа не е еднаквост. Тоа е добро завиена неправда. Затоа ние мора повторно да зборуваме за фер оданочување и заштитата на трудот на работникот. Не од иделошко позерски причини, туку заради елементарна пристојност во една земја што сака да биде европска“, рече Филипче.
Тој додаде дека не смее да се препушти темата за иднината само на геополитиката.
„Иднината мора да се преточи во семеен буџет, во пониски сметка за струја, во безбедно работно место, во достапен стан, во преглед на лекар без врски и понижување“, рече Филипче.
Во објаснувањето за новата Платформа, Филипче посочи дека мора да се мобилизира целата прогресивна јавност.
„Не само членството на СДСМ, туку синдикатите, граѓанскиот сектор, професионалците, младите, жените, стопанствениците што сакаат јасни правила, а не партиска милост. Зашто европската и социјалдемократската борба денес не е партиска удобност. Таа е линија на одбрана на државата од лизгање кон заробен систем на национализам, клиентелизам и контролирана правда“, рече Филипче.






