сабота, 9 мај 2026

Како да се игнорира „северна“?

Дури ни во Преспанскиот договор не постои обврска, приватните субјекти во Македонија – од граѓани до јавни личности, од интелектуалци до стопанственици, од медиуми до инфлуенсери – да ја употребуваат наметнатата географска одредница пред името на државата Македонија во јавна, а уште помалку во приватна комуникација. Осум години по „реалноста“ на Преспанскиот договор во Македонија, освен неисполнетите ветувања за неговата „волшебна моќ“ за напредокот на државата во евроинтеграциите, во оној неполитички амбиент на општеството остана да „виси“ онаа политичка (не)коректност на употребата на додавката во историското име на државата.

Објавено на

часот

Сподели

Како да стивнаа оние скандирања „Никогаш Северна, само Македонија“, политичките опоненти ги заменија улогите со промената на власта, па оние што ја додадоа „северна“, сега ги провоцираат тие што викаа „никогаш“, зошто не ги поништат и Преспанскиот договор, и додавката. Одговорот на провокацијата е – „вие ги врзавте рацете (и устите)“ на секоја државна институција и официјален македонски функционер“.

Неочекувано, но актуелното политичко раководство на државата, особено се придржува до одредбите од Преспанскиот договор, во однос на името на државата – и во јавното и во писменото обраќање. Очекувавме дека употребата на ‘северна’ ќе се  редуцира барем во внатрешниот промет. Не само што се истакнува географската одредница, туку и се инсистрира на неа во внатрешната јавна комуникација. Дали се работи за некакви дипломатски стратегии и разговори со ЕУ, немаме информации во јавноста, но забележливо е дека нема отстапувања од употребата на додавката секогаш во официјална комуникација, дури и ригидно – и покрај очекувањата внатре во општеството дека нема така да биде“, вели историчарката Наташа Котлар -Трајкова од Институтот за национална историја на Македонија.

Во однос на употребата на одреденицата „северна“ во колоквијалниот говор, надвор од оној на ангажираните политички личности, професорката Котлар -Трајкова смета дека таа нема „фатено корен“, но некогаш системот ги тера луѓето во комуникацијата да ја применуваат одредницата.

Во говорот на младите и воопшто на комуникацијата меѓу луѓето во Македонија не постои ‘северна’. Но кога станува збор кај економските оператори, дури и да се приватни, едноставно нема да добијат верификација на документацијата ако ја избегнуваат ‘северна’. И тука веќе системот прави притисок за економско функционирање. Во секој случај, за една полабава општествена комуникација, без строго придржување до она што го наметна Преспанскиот договор, без инсистирање на користење на ‘северна“ потребен е сигнал од највисоките политички тела“, смета Наташа Котлар – Трајкова.

Кога се говори за (не)прифаќањето во секојдневната комуникација на наметнатата „северна“ одреденица покрај името на државата Македонија, највидливиот лакмус се медиумите, односно она што се пласира во јавноста од комуникацијата со државните институции. Навидум незабележливо, во пренесените соопштенија од државните институции, кои наводно имаат обврска доследно да го применуваат Преспанскиот договор – сè почесто како цитат се провлекува „северна“. За волја на вистината, сè уште се повеќе медиумите кои винамтелно и доследно ја користат само именката Македонија за името на државата, без оглед на „официјалните соопштенија“ и изјави на некои странски и домашни функционери. Сепак, таа линија на помал отпор во пренесувањето на соопштенијата, понекогаш остава впечаток дека Македонците си „легнале на брашното со северна“.

Некои веројатно и се помириле со наметнатата додавка на Македонија. Тоа се веројано некои кои немаат осет за историски процеси и термини. Помирувањето со неправдата е капитулација, а медиумите се последните што треба да се помират со тоа. Враќањето на името Македонија е историски процес и никако не е завршена работа. Тапијата на името е во референдумот од 2018, каде македонските граѓани покажаа дека не сакаат да го менуваат името на државата Македонија. Волјата на народот беше политички изиграна, но треба да бидеме свесни дека сега се случуваат процеси во светот кои одат во наша полза, на враќање на името. Веќе на видикот се околности кои ќе одат на линија на заштита на суверенитетот на државите, на линија на волјата на народот“, вели поранешната амбасадорка и новинарка, Мелпомени Корнети.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ