„Во овие моменти, хуманоста на едно семејство и посветеноста на здравствените работници отвораат можности за нова надеж и нов живот“, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Медицинскиот тим упати длабока почит кон починатиот дарител и искрена благодарност до неговото семејство кое овозможи нова надеж и продолжен живот за двајца пациенти. Од институциите посочуваат дека хуманата одлука на семејството, донесена во еден од најтешките животни моменти, овозможила спасување на животи и подобрување на здравствената состојба на повеќе пациенти.
На листата за чекање се наоѓаат околу 170 пациенти кои чекаат бубрег, околу 30 пациенти кои чекаат срце, како и десетина пациенти кои чекаат трансплантација на црн дроб, што ја истакнува континуираната потреба од органодарителство.
Министерот за здравство Азир Алиу упати благодарност до семејството на дарителот и до сите медицински тимови вклучени во сложениот и чувствителен процес на трансплантација, нагласувајќи дека секоја ваква постапка претставува победа на хуманоста. Од Министерството потенцираат дека органодарителството е еден од највисоките изрази на солидарност и човечност, кој директно спасува животи и им дава нова шанса на пациентите и нивните семејства.
Овој чин уште еднаш ја потврдува важноста на развојот на трансплантациската медицина и потребата од постојано подигнување на свеста за значењето на донирањето органи.






