Економскиот институт Фајнанс тинк во одговорите испратени до МКД.мк посочува дека граѓаните треба да ја разликуваат инфлацијата од нивото на цените. Оттаму објаснуваат дека генерално цените не паѓаат, туку продолжуваат да растат, но со значително побавно темпо отколку претходните месеци.
Инфлацијата паѓа, ама цените пак растат, но со побавно темпо од претходно
„Треба да се разликуваат две работи. Годишната инфлација од 3,4 отсто значи дека цените во јуни годинава сè уште се во просек за 3,4 отсто повисоки отколку во јуни минатата година. Значи, генерално цените не паѓаат, туку продолжуваат да растат, но со значително побавно темпо отколку претходните месеци. Во април, на пример, годишната инфлација изнесуваше 5,7 отсто, а во мај 4,8 отсто, што потврдува јасен процес на дезинфлација. Истовремено, месечната инфлација од 0,5 отсто значи дека во јуни, во однос на мај, просечното ценовно ниво навистина се намалило. Значи, во текот на јуни имавме благо поевтинување на потрошувачката кошничка. Сепак, тоа не значи дека сите цени паѓаат. Намалувањето е концентрирано главно кај храната и транспортот, додека кај повеќе други категории, како рекреација и култура, покуќнина, ресторани и услуги за сместување, цените и понатаму бележат умерен месечен раст“, велат од Фајнанс тинк.
Сепак, оттаму предупредуваат дека ова не значи враќање на животниот стандард на нивото пред бранот на инфлација.
Куповната моќ постепено се подобрува, но предизвикот останува, оценуваат од Фајнанс тинк.
„Пониската инфлација е позитивна вест бидејќи овозможува поголем дел од номиналниот раст на платите да се претвори во реален раст на приходите. Ако платите продолжат да растат со сегашната динамика, а инфлацијата остане околу сегашното ниво, реалните плати ќе продолжат да растат. Особено е важно што дезинфлацијата доаѓа преку храната. Бидејќи храната има најголемо учество во буџетите на домаќинствата, особено кај оние со пониски приходи, намалувањето на цените во оваа категорија има релативно поголем позитивен ефект врз нивната куповна моќ“, велат од Фајнанс тинк.
Но, економската реалност за граѓаните сепак останува сложена. Иако инфлацијата се намалува, трошоците за живот остануваат повисоки отколку пред неколку години.
„Сепак, треба да се има предвид дека ова не значи враќање на животниот стандард на нивото од пред инфлаторниот бран. Цените остануваат значително повисоки отколку пред неколку години, само што нивниот раст сега значително се забавува“, објаснуваат од ФТ.
За падот на индексот на цените на мало од 0,8 отсто,од Економскиот институто велат дека станува збор за умерено, а не драматично олеснување за граѓаните.
„Позитивно е што месечното намалување на цените доаѓа токму од категории кои имаат најголема тежина во потрошувачката на домаќинствата, пред сè храната. Од друга страна, едномесечното намалување на цените не може да ги избрише акумулираните поскапувања од претходните неколку години. Затоа е попрецизно да се каже дека станува збор за стабилизација на ценовните движења, а не за враќање на старото ценовно ниво“, велат од Фајнанс тинк.
И покрај забавувањето на растот на цените, економските ризици остануваат присутни. Нови геополитички кризи и домашните економски политики што би создале поголема побарувачка од моменталната понуда можат повторно да ги разгорат инфлациските притисоци, предупредуваат од Економскиот институт.
„Во моментов, сепак, индикаторите укажуваат дека е поверојатно инфлацијата постепено да се стабилизира. За тоа говори и фактот што, иако годишната инфлација сè уште изнесува 3,4 отсто, кумулативниот раст на цените од јануари до јуни е само 0,7 отсто во однос на нивото во декември 2025. Тоа покажува дека најголемиот дел од сегашната годишна инфлација произлегува од повисоката ценовна основа од минатата година, додека новите ценовни притисоци во текот на 2026 година се значително ослабени“, појаснуваат од Фајнанс тинк.
Народна банка уверува намалувањето на инфлацијата продолжува
По периодот на висока инфлација во 2022 и 2023 година, кога растот на цените достигнуваше двоцифрени нивоа, Македонија бележи постепено стабилизирање на инфлациските движења, уваруваат од Владата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочува дека приоритет на Владата е одржување на макроекономската стабилност и заштита на животниот стандард. Според неа, граѓаните треба да бидат спокојни дека буџетот е ликвиден, се сервисираат сите обврски, редовно се исплаќаат платите и пензиите и обврските кон економијата. Конкретно за инфлацијата, министерката упатува Народната банка на Македонија, која како што изјави пред еден месец, треба да преземе мерки против растот на инфлацијата.
„Мерките за сузбивање на инфлацијата се кај Народната банка, додека Министерството за финансии има ограничена можност тоа да го прави преку стапките на ДДВ и акцизите само во одредени случаи“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Народната банка пак оценува дека процесот на намалување на инфлацијата продолжува, но предупредува дека неизвесностите од меѓународните случувања остануваат значаен фактор.
Советот на Народната банка на седницата одржана на 7 мај годинава го усвои кварталниот извештај, според кој, по раст од 3,4 отсто во 2025 година, светската економија се очекува да забави на околу 3,1 отсто во 2026 година, додека инфлациските притисоци остануваат нагласени. Како клучен фактор на неизвесност се посочуваат геополитичките конфликти, особено состојбата на Блискиот Исток, кои влијаат врз цените на енергенсите и глобалните трговски текови.
Во однос на домашната економија, во извештајот се посочува дека се очекува дека инфлацијата ќе се стабилизира. Според народната банка, инфлацијата во 2026 година се очекува да изнесува околу четири отсто, со постепено намалување на околу три отсто во 2027 година и приближување кон историскиот просек од два отсто на среден рок.
Меѓународниот монетарен фонд исто така оценува дека инфлацијата во Македонија е во процес на стабилизирање, но предупредува дека малите и отворени економии остануваат ранливи на надворешни шокови, особено кај храната и енергијата.
Компаниите сè уште работат со поскапи суровини и енергија
Намалувањето на инфлацијата на 3,4 отсто е позитивен сигнал за економијата, но само по себе нема веднаш да донесе значително олеснување за компаниите, оценуваат од Стопанската комора на Македонија (СКМ) откако Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во јуни 2026 година трошоците на животот се намалиле за 0,5 проценти во однос на мај. Сепак, според бизнис секторот, не е клучно само моменталното ниво на инфлацијата, туку и долгорочниот тренд на движење на цените на суровините, енергенсите, транспортот и работната сила.
Од Комората посочуваат дека падот на инфлацијата од 3,9 на 3,4 отсто покажува дека инфлаторните притисоци постепено се намалуваат, но компаниите сè уште работат со значително повисоки трошоци во однос на периодот пред инфлаторниот бран.
„За споредба, просечната инфлација во Македонија во 2022 година достигна околу 14,2 отсто, а во 2023 година се намали на околу 9,4 отсто. Тоа значи дека во однос на највисоките инфлаторни нивоа има значително забавување, но кумулативниот раст на цените од изминатите години останува вграден во производните трошоци. Кај дел од суровините и енергентите има стабилизирање во однос на пиковите од 2022 година, кога цените на енергијата и транспортот значително се зголемија. Сепак, компаниите сè уште се соочуваат со повисоки трошоци за плати, финансии и дел од увозните суровини. Затоа, наместо за намалување, во оваа фаза повеќе може да зборуваме за стабилизирање на трошоците и намалување на неизвесноста“, велат од Стопанската комора.
Според Стопанската комора, пониската и постабилна инфлација создава попредвидлива деловна средина, што е важен предуслов за нови инвестиции, но, сепак, само пониската инфлација не е доволна за поголема конкурентност.
Оттаму додаваат дека, за компаниите најважна е долгорочната ценовна стабилност, а не само еднократно намалување на инфлацијата. Од Стопанската комора оценуваат дека ниво на инфлација од околу два отсто годишно генерално се смета за одржливо и создава услови за стабилен економски раст.
„Доколку инфлацијата од сегашните 3,4 отсто продолжи постепено да се намалува кон ниво од два до 2,5 отсто, компаниите би можеле посериозно да ги почувствуваат придобивките по период од најмалку 12 до 18 месеци стабилни услови. Важно е да се нагласи дека компаниите не реагираат само на една месечна или годишна стапка на инфлација, туку на очекувањата. Ако во следните неколку квартали има стабилни цени, предвидливи трошоци и подобри услови за финансирање, тоа може да влијае врз зголемување на инвестициите и проширување на производството. Затоа, најголемата придобивка од намалувањето на инфлацијата не е само во пониските цени, туку во враќањето на довербата кај компаниите и можноста тие полесно да планираат за иднината“, велат од Стопанската комора.
Според Државниот завод за статистика, во јуни 2026 година инфлацијата од 3,9 отсто се намалила на 3,5 отсто, а трошоците на животот се намалиле за 0,5 проценти во однос на мај. Најголемо намалување има кај транспортот за 1,6 проценти и кај храната и безалкохолните пијалаци за 1,1 процент.
Во редовната шестмесечна регионална анализа, Светска банка на крајот на април годинава наведе дека се очекува „задушен“ економски раст во земјите од Западен Балкан во текот на 2026 и 2027 година под влијание на последиците од прелевањето на конфликтот на Блискиот Исток, тврдоглавата инфлација и зголемената неизвесност. За Македонија предвидува раст од три проценти исто како и за Босна и Херцеговина и Србија.
Со ребалансот на Буџетот, проекцијата за економски раст се намалува од 3,8 на 3,5 проценти, очекуваната просечна инфлација се зголемува од 2,5 на 4,5 проценти, а буџетскиот дефицит се проширува од 3,5 на 4,1 процент од бруто-домашниот производ (БДП).
И.О.





