„Моментно во Дебар се поставуваат сообраќајни камери од системот „Безбеден град“, кои наскоро ќе бидат во фаза на техничко тестирање а прекршоците сè уште не се санкционираат. Камерите и дел од опремата се поставуваат на повеќе локации, на кружниот тек во близина на општинската зграда, на крајот од булеварот Илирија, на патот кон Струга, како и на локации каде фрекфенцијата е поголема“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Додаде дека до целосното активирање на системот, сообраќајната полиција продолжува со засилени контроли со мобилни електронски камери, со цел поголема безбедност и помал број сообраќајни незгоди.
„Системот ќе придонесе кон намалување на брзото возење, опасното претекнување и непрописното паркирање, особено во периодот на зголемен туристички сообраќај. Целта на Безбеден град е намалување на сообраќајните прекршоци и незгоди, како и зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот“, нагласи Димоски, упатувајќи апелира до сите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.





