Од Комората посочуваат дека падот на инфлацијата од 3,9 на 3,4 отсто покажува дека инфлаторните притисоци постепено се намалуваат, но компаниите сè уште работат со значително повисоки трошоци во однос на периодот пред инфлаторниот бран.
„За споредба, просечната инфлација во Македонија во 2022 година достигна околу 14,2 отсто, а во 2023 година се намали на околу 9,4 отсто. Тоа значи дека во однос на највисоките инфлаторни нивоа има значително забавување, но кумулативниот раст на цените од изминатите години останува вграден во производните трошоци. Кај дел од суровините и енергентите има стабилизирање во однос на пиковите од 2022 година, кога цените на енергијата и транспортот значително се зголемија. Сепак, компаниите сè уште се соочуваат со повисоки трошоци за плати, финансии и дел од увозните суровини. Затоа, наместо за намалување, во оваа фаза повеќе може да зборуваме за стабилизирање на трошоците и намалување на неизвесноста“, велат од Стопанската комора.
Според Стопанската комора, пониската и постабилна инфлација создава попредвидлива деловна средина, што е важен предуслов за нови инвестиции, но, сепак, само пониската инфлација не е доволна за поголема конкурентност.
„Кога инфлацијата е висока, компаниите потешко планираат бидејќи не знаат колку ќе чинат суровините, енергијата, кредитите и работната сила во следните шест или 12 месеци. Намалувањето на инфлацијата може постепено да придонесе за намалување на каматните притисоци. На пример, во периодот на најсилни инфлаторни притисоци, централните банки ги зголемија каматните стапки за да ја ограничат инфлацијата, што го поскапи финансирањето за компаниите. Стабилизирањето на инфлацијата создава услови за постепено олеснување на финансиските услови. Сепак, само пониската инфлација не е доволна за поголема конкурентност. За споредба, продуктивноста на домашните компании, трошоците за енергија, пристапот до капитал и инвестициите во технологија имаат директно влијание врз конкурентноста. Ако компанијата инвестира во автоматизација и дигитализација и успее да ја зголеми продуктивноста за 10–15 отсто, ефектот врз конкурентноста може да биде поголем од самото намалување на инфлацијата за неколку процентни поени. Затоа, пониската инфлација треба да се гледа како основа за инвестиции, но не и како единствен фактор за економски раст“, појаснуваат од Стопанската комора.
Оттаму додаваат дека, за компаниите најважна е долгорочната ценовна стабилност, а не само еднократно намалување на инфлацијата. Од Стопанската комора оценуваат дека ниво на инфлација од околу два отсто годишно генерално се смета за одржливо и создава услови за стабилен економски раст.
„Доколку инфлацијата од сегашните 3,4 отсто продолжи постепено да се намалува кон ниво од два до 2,5 отсто, компаниите би можеле посериозно да ги почувствуваат придобивките по период од најмалку 12 до 18 месеци стабилни услови. Важно е да се нагласи дека компаниите не реагираат само на една месечна или годишна стапка на инфлација, туку на очекувањата. Ако во следните неколку квартали има стабилни цени, предвидливи трошоци и подобри услови за финансирање, тоа може да влијае врз зголемување на инвестициите и проширување на производството. Затоа, најголемата придобивка од намалувањето на инфлацијата не е само во пониските цени, туку во враќањето на довербата кај компаниите и можноста тие полесно да планираат за иднината“, велат од Стопанската комора.
Според Државниот завод за статистика, во јуни 2026 година инфлацијата од 3,9 отсто се намалила на 3,5 отсто, а трошоците на животот се намалиле за 0,5 проценти во однос на мај. Најголемо намалување има кај транспортот за 1,6 проценти и кај храната и безалкохолните пијалаци за 1,1 процент.
Во редовната шестмесечна регионална анализа, Светска банка на крајот на април годинава наведе дека се очекува „задушен“ економски раст во земјите од Западен Балкан во текот на 2026 и 2027 година под влијание на последиците од прелевањето на конфликтот на Блискиот Исток, тврдоглавата инфлација и зголемената неизвесност. За Македонија предвидува раст од три проценти исто како и за Босна и Херцеговина и Србија.
Со ребалансот на Буџетот, проекцијата за економски раст се намалува од 3,8 на 3,5 проценти, очекуваната просечна инфлација се зголемува од 2,5 на 4,5 проценти, а буџетскиот дефицит се проширува од 3,5 на 4,1 процент од бруто-домашниот производ (БДП).
И.О.





