Уредбата, како што стои во објавата, е во согласност со Законот за управување со кризи, а е донесена во саботата, на 30 октомври, во време на предизборен молк пред вториот круг од локалните избори. Но, на интернет страницата на Владата нема информации за уредбата која, патем има 12 страници.
Инаку, донесувањето на Уредбата, не значи и прогласување на кризна состојба поради нарушено снабдување со електрична енергија.

Според Законот за управување на кризи, Владата донесува одлука за употреба на ресурсите. Нивната пропорционална употреба е според природата и интензитетот на кризната состојба, пишува во Законот.
Во услови на нарушување на системот со снабдување во Законот за енергетика, предвиден е дел насловен со „Кризна состојба“. Таму пишува дека Владата, на предлог на Министерството за економија, со уредба подетално ги утврдува критериумите и условите за прогласување на кризна состојба, а особено во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, начинот на снабдување со соодветните видови на енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на одредена енергетска дејност согласно со Законот за управување со кризи.






