„Овој процес нема да биде само тест на нашата правна подготвеност, туку и на нашата издржливост, професионалност и независност. Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото. Верувам дека како заедница на судии, обединети во истите вредности и стандарди, ќе покажеме дека судството има сила, интегритет и знаење да се справи со секој предизвик — без притисоци, без страв и без компромиси со вистината. Да продолжиме да бидеме пример на професионалност, достоинство и меѓусебна поддршка. Само така можеме да ја зацврстиме довербата во нашата работа и во правосудниот систем“, рече Димовска.
Таа информираше дека Кривичниот суд воедно побарал од надлежните судски инстанци целосно да се вклучат, секој со своите ингеренции, во поддршка на судот за организација и обезбедување услови за ефикасно водење на конкретната постапка со доследно почитување на правата на странките како и присуство на јавноста, а во тој правец ги повика и навреме да реагираат и надлежните министерства.






