Димитриевски денешните избори ги оцени како избори одржани по скандинавски модел.
Овој пат како што рече ниту во Куманово, ниту во Македонија не се забележува како кандидатите за градоначалници ги бркаат полициски тимови или дополнително се врши притисок на сите нив.
„Според 80 отсто обработени податоци во нашиот аналитички центар, јас како кандидат водам убедливо во однос на сите останати шест кандидати, или за споредба, колку имаат вкупно гласови останатите шест кандидати толку јас како кандидат на ЗНАМ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ имам добиено гласови. Дали ќе имаме втор круг или не, во овој момент не можам да ви кажам бидејќи сите податоци не се обработени. Но и да има втор круг, ЗНАМ ќе биде дефинитивно победник на претстојните избори на локално ниво, бидејќи повеќе од јасна е желбата на граѓаните и дека препознаваат континуитет и развој на овој град и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух“, рече Димитриевски.
Листата на кандидати за советници на ЗНАМ во општина Куманово, според него, извојува победа и доби најголем број на гласови.
„Веднаш зад нас е и листата на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе од јасно е дека мнозинството во Советот ќе го сочинуваат овие две листи и веројатно останатите поранешни партнери во локалната власт“, рече Димитриевски.
Според резултатите на Државната изборна комисија (ДИК), досега, од обработени 70,66 отсто од избирачките места, Димитриевски има освоено 9.925 гласа, наспроти кандидатот на СДСМ Мартин Костовски кој има освоено 3.586 гласа.






