„Клучна цел на фискалната политика останува подобрувањето на управувањето со јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи коишто ги поддржуваат дологорочните економски политики. Клучни елементи на кои ја засноваме фискалната политика се мерките за обезбедување среднорочна одржливост, дисциплина во управуањето со јавните финансии, транспарентност и отчетност во користењето на средствата, како и поддршка на економијата преку одржување на капиталните расходи на високо ниво (5 проценти од БДП). Голем фокус е поставен на зајакнување на ефикасноста на приходната страна, особено борбата со сивата економија и дигитализација на процесите, а притоа задржување на ниските даночни стапки“, рекла министерката за финансии.
Таа, како што информираат од Министерството за финансии, потенцирала дека особен приоритет на Владата и Министерството за финансии е спроведување на предвидената фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, којшто од 2024 година оди во надолна линија од 4,4 проценти, во 2025 беше реализиран буџетски дефицит од 4 проценти од БДП и во 2026 година согласно проекцијата е на ниво од 3,5 проценти од БДП.
Како што наведе министерката, Владата и Министерството за финансии ги преземаат сите мерки и го следат развојот на состојбите на меѓународно ниво со цел да се преземат мерки за справувување со предизвиците. Посочи на мерките што се преземени со цел поддршка на бизнис секторот и граѓаните, а како резултат на растот на цената на енергенсите и дека целта е да се одржи стабилноста на јавните финансии и да се поддржи економскиот раст. При тоа беше наведено дека мерките треба да бидат таргетирани.
На средбата била истакната поддршката што Меѓународниот монетарен фонд ја дава на Министерството за финансии во спроведување на клучните реформи во управувањето со јавните финансии и зајакнување на капацитетите на администрацијата.
Во рамки на престојот во Вашингтон, министерката ќе има средба и со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли.






