четврток, 16 април 2026

Адвокатот на Ѓаволот, Стафа признал вина за митото од 50.000 евра – се спогодил за 15 месеци затвор

Поранешниот државен правобранител, сега адвокат, Фехми Стафа, според порталот Скопје 1, признал вина дека примил поткуп и се спогодил со Обвинителството да одлежи казна затвор од 15 месеци.

Објавено на

часот

Сподели

Според пресудата, тој не го оспорил обвинението дека во периодот од октомври до декември минатата година примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание врз судија од Апелациониот суд Скопје. Целта била судијата да преземе службено дејствие што не смеело да се изврши, односно да се измени или укине мерка во предмет против бизнисменот Љупчо Пецов – Ѓаволот.

Во јавноста веќе беше објавено дека Стафа преку судијата Ѓоко Ристов требало да обезбеди укинување на притворот за Пецов. Ристов, пак, е судија кој е осомничен во друг случај, откако во домот на неговите родители беа пронајдени околу 350.000 евра сокриени во ѕид. Неофицијално, Стафа соработува со Обвинителството во откривање на други случаи на висока корупција во правосудството.

Обвинителството утврдило дека Стафа првично побарал 100.000 евра, а потоа во неколку наврати примал делови од сумата, при што вкупно му биле исплатени 50.000 евра. Дел од парите биле предадени по претходен договор со МВР, по што Стафа бил фатен на лице место и приведен.

Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година. По изрекувањето на пресудата, се очекува да биде префрлен на издржување на казната во затворот „Скопје“ во Шутка, додека досега се наоѓа во затворот во Куманово.

Лицето за кое Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот. Стафа, кој воедно е негов адвокат во овој предмет, претходно поднел барање за замена на притворот со куќен притвор во отсуство на Пецов, при што била понудена и гаранција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ