сабота, 23 мај 2026

АД ЕСМ со паметна стратегија: Преку викенд набавки на електрична енергија по негативни цени компанијата инкасираше околу 50.000 евра

АД ЕСМ покажа како со паметно и домаќинско работење може да се оствари приход и истовремено да се зачуваат домашните енергетски ресурси. Во текот на изминатите два месеци, вклучувајќи го и претстојниот продолжен викенд, компанијата реализира серија успешни набавки на струја преку транспарентен јавен оглас, со кои успеа да заработи околу 44.000 евра.

Објавено на

часот

Сподели

Специфичноста на овие набавки е во тоа што се реализирани во периоди со негативни цени на струјата на берзите, што значи дека АД ЕСМ не плаќа за преземената енергија, туку напротив – на компанијата и се плаќа за да ја преземе таа електрична енергија. За време на овие берзански флуктуации, вкупното преземено количество на набавена електрична енергија изнесува 3.950 MWh.

Станува збор за одлична стратегија која носи повеќекратни придобивки во секојдневните работни процеси. Преку внимателното следење на движењата на берзанските цени, АД ЕСМ спроведе целосна оптимизација на сопствените капацитети. Наместо нерационално трошење на сопствените ресурси во периоди кога струјата на пазарот се нуди по екстремно ниски, па дури и негативни цени, компанијата штеди јаглен, мазут и вода во хидроакумулациите.

Од АД ЕСМ истакнуваат дека оваа пракса, која почнала да се применува минатата година, ќе продолжи и во претстојниот период, секогаш кога пазарните услови се поповолни од трошоците за сопствено производство. Според нив, одлуката на компанијата да купува енергија кога е евтина, наместо по секоја цена да троши сопствени ресурси, претставува зрел и одговорен модел на управување.

Иако директната заработка од речиси 50.000 евра е значајна, вистинската вредност на оваа стратегија лежи во заштедените милиони кои инаку би се потрошиле за ископ на јаглен или за набавка на мазут во периоди кога струјата на берзите е речиси „бесплатна“. Секој мегават-час купен во периоди на вишоци, кои најчесто доаѓаат од обновливи извори, значи помалку емисии на јаглерод диоксид и позитивно влијание врз животната средина со оптимизација на производството од термоелектраните.

Исто така, на тој начин се обезбедува и поголем хидропотенцијал, односно повеќе вода за потребите на хидроелектраните, која ќе се искористи тогаш кога му е најмногу потребна на македонскиот електроенергетски систем. За информација, во моментов, хидропотенцијалот односни резервите на вода за производство на електрична енергија достигнаа дури 70 отсто. Компанијата најавува дека интензивно ќе  продолжи да дејствува како активен играч на пазарот, а не само како пасивен производител на електрична енергија.

АД ЕСМ покажува сигнали на консолидација на финансиски план после огромни предизвици во сите сегменти на работењето, наследени од претходните раководства во периодот 2017-2024 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ