По премиерата денеска, закажани се уште две изведби, на 6 и 7 септември (понеделник и вторник) со почеток од 19 часот.
Драмата на Вукелиќ „Дневна доза мазохизам“, како што посочуваат од МКЦ, не само што за прв пат ќе биде поставена во земјава, туку денеска ја доживува и својата светска премиера. Праизведбата на овој драмски текст во нашата земја означува сериозен чекор во развојот на соработката помеѓу младите театарски работници од регионот и Европа.
„Праизведбата на мојот текст „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ е од големо значење за мене како автор, а верувам и за Пресврт, кој со овој проект отвора интересен простор на независната сцена и ги поврзува уметниците на интелектуално ниво, истражувајќи нови изрази и естетики. Се надевам дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина. Од перспектива на хрватска авторка сметам дека ни се потребни не само праизведби на современи текстови, туку и соработка со уметници од овие простори, со кои делиме доволно сличности за да се испреплетат темите што нè засегаат, а и доволно различни за да учиме едни од други“, вели Дина Вукелиќ.
Изведбите на претставата „Дневна доза мазохизам“ се организираат согласно со актуелните протоколи за организација на настани. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура.






