Автор на книгата е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустрациите ги изработи уметницата Викторија Попоска. Промотори на книгата ќе бидат отец Александар Димоски, отец Александар Крстаноски и новинарот Горан Величковски.
Според уредникот на книгата, отец Александар Димоски, мотивацијата за создавање на ова дело произлегла од потребата содржините од духовното и културното наследство да станат разбирливи, блиски и инспиративни за децата.
„Можеби не многу голема по обем, но непрегледна по содржина, неоценлива според значењето и благословена во намерата, сликовницата ‘Светило на врв планина’ сигурно ќе стане нечие детско Евангелие“, истакнува отец Димоски.
Во предговорот на книгата тој дополнува: „Страниците на книгата што ја држите во рацете не раскажуваат нешто измислено, ниту пренесуваат сказна или бајка, туку сè што ќе прочитате и видите тука е вистина, вистина за која и децата се повикани да сведочат и да ја пренесат на своите родители и пријатели.“
Настанот е отворен за јавноста.
Книгата е реализирана со поддршка на Министерството за култура.






