Добиените средства, како што информираа од Агенцијата, ќе бидат наменети за редовните програми за поддршка на домашни играни, документарни, краткометражни и анимирани филмови, како и за копродукции, развој на сценарија и поддршка на проекти во сите фази на продукција. Од Агенцијата велат дека ќе се поддржи и развојот на висококвалитетни телевизиски серии, особено оние со потенцијал за регионална видливост, како и продукција на детска програма.
„Овие мерки се потврда дека филмот е суштински дел од културната политика и националната визија за креативен и динамичен општествен развој. Македонските филмски работници, кои иако не се вработени во државни институции, со години наназад создаваат вредност и видливост за државата – тие се постојано присутни на реномирани фестивали и платформи ширум светот. Со стабилен и предвидлив буџет, конечно се отвора можност за континуирана поддршка на македонската продукција и можност да изградиме одржлив, конкурентен и отворен филмски сектор кој ги поттикнува младите таленти, го афирмира културниот идентитет и привлекува интернационални партнерства“, изјавил в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Од Агенцијата велат дека распределбата на дополнителните средства ќе биде спроведена согласно со законските процедури и Годишната програма за работа на Агенцијата.
„Во фокус ќе бидат квалитетот на пријавените проекти и рамноправниот пристап за сите апликанти. Особено внимание ќе се посвети на транспарентноста на процесите и јасната комуникација со јавноста и со филмската заедница“, велат од Агенцијата.
Покрај тоа, со предложените измени на Законот за игри на среќа, се предвидува три проценти од уплатените давачки од оваа дејност трајно да се пренасочуваат кон Агенцијата за филм. Овој модел на финансирање, според Агенцијата за филм, ќе обезбеди стабилна и предвидлива основа за долгорочно планирање, развој на проекти и стратешка поддршка на оваа индустрија.