Преку изданието што деновиве излезе од печат, како што соопшти авторот, е направен опширен хронолошки приказ на домашната стрип-сцена и издаваштво од периодот 2008 – 2011 година. Потврдувајќи дека македонскиот стрип е факт, во него се прикажани околу 240 хронолошки единици, како што се објавени стрипови, одржани стрип-работилници, учества на стрип-фестивали и освоени награди.
Како и во случајот со претходните два тома, кои го опфаќаат периодот 1990 – 1999, односно 2000 – 2007, и овој е со формат А4 и има 60 колор страници. Илустрацијата од корицата на оваа трета „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ е дело на ликовниот уметник Дарко Богданов од Виница, односно претставува панел од неговиот стрип-албум „Модус вивенди“.
Покрај тритомното издание „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, Стеванов е автор на сценаријата на неколку албуми, како и на книгата „Жељко Книвалд“ посветена на авторот на првиот стрип создаден и објавен на македонско тло. До крајот на годината, во негово авторство се очекува да излезе уште една публикација на тема деветта уметност.






