Манифестацијата се одвива во рамки на проектот CAN (Comic alliance Networking) FOR BALKANS- финансиран од програмата Креативна Европа – подпрограма за култура на Европската Унија. Носител на овој неколкугодишен проект е Музејот на историјата во округот Брашов-Романија, а освен училиштето „Никола Митровиќ-Кокан“ од Лесковац, во него се вклучени Стрип центар на Македонија – седиште Велес, како и Белгискиот стрип центар од Брисел и Државниот историски музеј од Тирана.
Како што информира за МИА Томе Трајков, програмски координатор во СЦМ-Велес, Балканската стрип смотра има големо значење за македонскиот стрип бидејки ова е место на меѓународни контакти.
„Од Лесковац секојпат има доста пријавени на традиционалниот стрип конкурс организиран во склоп на стрип салонот во Велес и обратно, македонските стрип автори со задоволство учествуваат на конкурсот во Лесковац. Впрочем, само СЦМ – Велес за оваа година поттикна учество на над 40 претежно млади автори од повеќе градови од земјава“, појасни Трајков.
Овој проект е во насока на вмрежување на релевантните стрип асоцијации од вклучените земји како и афирмирање на социјалната примена на стрипот( во овој случај националната историја).
На смотрата во Лесковац освен од СЦМ- Велес ќе присуствуваат и македонските стрип автори: реномираниот мајстор Ласко Џуровски, Томи Џуровски, како и Емилија и Стојче Тоциновски од Студиото за цртање „ФАНТАСТ“ од Скопје.
Македонските стрип претставници во Лесковац ќе учествуваат на бројни презентации, дебати, изложби, а на крај и прогласување на најдобрите стрип автори по традиционалниот објавен конкурс.






