Во своето вдахновено искажување професорката Стојчевска-Антиќ се осврна на нападите врз Блаже Конески кога во 2017 година тој беше наречен „Џуџето од Небрегово” и како дошло до издавањето на книгата „Мојот професор пророк” и подоцна “Навраќање кон Конески”, приредена заедно со новинарот и публицист Свето Стаменов.
„Не можев да замислам дека во нашата средина ќе биде наречен „Џуџето од Небрегово” и затоа јас докажувам каков џин се роди во Небрегово. Замислете, тој само седум години бил во Небрегово, како дете и таму завршил прво одделение. Играл со децата заедно, но најубавото негово творештво му се засновува врз неверојатни продирања во животот во Небрегово. Така му настана „Тешкото”, така настана „Везилка”, тое е нешто неверојатно, во едно дете од седум години да се крие таква љубопитност, такво помнење за да може целиот живот да твори врз тие спомени“, рече професорката Вера Стојчевска-Антиќ.
За д-р Ана Витанова Рингачева Конески знаел да ги именува нештата и состојбите.
„Знаеше да им даде име, име кое го бара од изворите на македонскиот јазик и оттаму ги извадил на светлината на векот за денес да бидат наш отчет и наша одбрана од нечестивите“, рече Витанова Рингачева.
Во продолжение на поетската вечер беше прикажано и видео подготвено од Здружението за наука, литература и култура “Иван Василевски” од Струмица, кое го организираше настанот, а се одржа во рамки на манифестацијата „Струмица град на културата 2021″.






