„Болеста на Коренот” е првиот том со раскази и записи од раната младост, создадени пред да наполни 20 годишна возраст и повеќето издадени од книгоиздателството „Кочо Рацин” („Фантасти”, „Лудисти”, 1963) со рецензија на главниот уредник Славко Јаневски.
„Болеста на Коренот” е фаталистичкиот наслов на расказот со кој Божин Павловски во далечната 1962 година победи на конкурсот за најдобар расказ на „Студентски збор” (претседател на жирито Гане Тодоровски).
Вториот том „Прости му на Ѕверот” содржи објавени и необјавени реални и налудничави приказни во стилот на Риплиевите „Верувале или не” или нашето локално „Не прави му добрина на дефектен ум, нема никогаш да ти прости”.
Академик Георги Старделов е автор на поговорот кон овие два тома со кратки литературни форми. Ова е дел од обемната необјавена книга „Катарза” посветена на целокупниот опус на Божин Павловски, што се наоѓа во заоставнината на покојниот академик Георги Старделов.
Третиот том со наслов „Мојата улога во нашето лудило” содржи четири новели за македонскиот авантуризам во локални и глобални амбиенти. Кон овој том се приложени библиографија на авторовиот опус и хронологија на неговиот животопис.
Со овие дела МАНУ и „Матица”, под истата редакција на Васко Ташкоски и Раде Силјан, ќе го заокружат издавањето на проектот „Собрани дела на Божин Павловски” во 25 тома (9. 600 страници).
Овој книжевен опус бил награден со дваесетина домашни и странски признанија, како и преведен на многу јазици. Повеќето од овие книги се достапни на глобалниот англиски пазар и во дигитална форма.
Академик Божин Павловски својата професионална кариера ја привршува како претседател на Бордот којшто 33 години ги издава неделните весници: „Австралиско Македонски Денес” (Australian Macedonian Today) и „Австралиско Македонски Неделник” (Australian Macedonian Weekly).






