среда, 19 ноември 2025

Книга со пиесата „Двајца во Еден“ од Томислав Османли објавена на хрватски јазик

Книга со камерна театарска пиеса „Двајца во Еден“ од Томислав Османли е објавена во Задар, Хрватска, во превод на писателот Никола Шимиќ Тонин, како заедничко издание на три задарски книгоиздателства: Хрватското книжевно друштво – Задар, Библиотеката Донат и издавачката куќа “ВВВ”.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира авторот, пиесата „Двајца во Еден“ е лиричен сценски солилоквиум „за двајца, за кукли и месечина“ и беше поставен на неколку професионални сцени, во Народниот театар во Куманово во режија на Виолета Џолева, во Театарот за деца и млади во режија на Димитрие Османли и во академскиот театар Џон В. Гејнс во Њупорт, Вирџинија, во режија на Наум Пановски.

„Драмата беше објавена во книга во издание на ‘Ѓурѓа’ пред точно 30 години и го вклучуваше оригиналниот текст на македонски, потоа текстот на англиски во превод на Соња Андонова и – сосем оригинално и за ова време  – неговата комплетна стрипувана верзија од цртачкото перо на Александар Сотировски“, посочува Османли.

Драмата „Двајца во Еден“ пред неколку години беше објавена и во Србија, на книжевниот портал „Екерман“, а хрватската е најновата објава на драмскиот текст на Османли. Објавата на пиесата на Османли од Книжевното друштво Задар следува по наградата „Донат“, највисокото признание на задарската книжевна асоцијација што пред две години му беше доделено на македонскиот автор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ